1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Моја Европа: Уметници со деца

Дана Григорчеа
19 август 2017

Во „литературниот бизнис“ во Европа во преден план сѐ уште е уметникот индивидуалец, смета Дана Григорчеа. Нејзе, како мајка, не ѝ е лесно на литературните патувања, но доживува и многу изненадувања.

https://p.dw.com/p/2iRmH
Dana Grigorcea Gastautorin für "Mein Europa"
Фотографија: ZDF

Кога на театарската бина ќе се појави дете, само кратко, како фигура во некоја претстава, сите погледи од публиката се вртат во негова насока. Ќе згреши ли? Знае ли каде треба да оди, без притоа да разгледува во публиката? За некои, појавувањето на детето е нешто што ги допрело, други пак сметаат дека деца нема што да бараат во претстави за возрасни. Присуството на едно дете, како и да е, значи прекин на големата фикција на бината. Публиката се врти кон детето и во првите моменти и самата излегува од својата улога (на гледач). Кога на актерите им се поставува прашање што не би направиле никогаш, тие радо одговараат: „Да настапувам со деца или животни.“

Што кога едно дете доаѓа во животот на еден уметник, во животот на една писателка? Колку „литературниот бизнис“ ги прифаќа писателите кои се родители?

Пред една година ја зедов својата шестгодишна ќерка на едно литературно патување низ покраината Шлезвиг Холштајн. Таа тогаш беше на распуст. Во текот на долгите патувања со воз ѝ читав или заедно цртавме. Во хотелите плаќав дополнително за детето. Во текот на денот имавме програма за деца - игравме на детски игралишта или се возевме на рингишпил. Во Хусум, кој ни беше прва станица, ја посетивме и куќата на писателот Теодор Шторм. Мала куќичка во која живеел со сопругата и многу деца. Како воопшто можел да пишува со толку многу деца? Како ги напишал сите тие книги, писма? Ќерка ми веднаш седна на работната маса на Теодор Шторм и ја имитираше позата на писателот како размислува прикажана на многуте обесени слики наоколу.

Lesung in Zürich
Дана Григорчеа (д.) стои пред публиката на литературно читање во Цирих

Налутена публика во Германија, бебиситерка во Скандинавија

За време на литературните читања ќерка ми, по моја молба, ја чуваше некоја практикантка или секретарка од литературните куќи каде што настапував. За тоа упатував писмена молба долго пред литературното читање. На едно од читањата персоналот беше иритиран од мојата молба и не организираше згрижување за детето. Настаните потоа наликуваа на Commedia dell'arte: ќерка ми, која седеше во публиката, сакаше да оди во тоалет, стана, притоа пречејќи на многу луѓе во публиката, им се извини на сите, излезе и во ходникот виде куче. Кога ја слушнав дека вреска, скокнав и излетав надвор. Ќерка ми потоа сакаше да оди во дворот за да скока на трамполина, која патем јас можев да ја гледам од пултот од којшто читав. Меѓутоа, брзо по излегувањето таа се врати и среде читање почна да ми шепоти на увото дека ги намокрила чорапите. На лицата на повеќето луѓе во публиката можеше да се прочита дека се лути и дека сметаат оти сето тоа е дрскост.

Сосема поинаку беше во Шведска, на саемот на книгата во Гетеборг. Со син ми отидов таму додека беше бебе. Домаќините на саемот организираа бебиситерка која ме следеше во чекор. Саемот и онака соработува со детска градинка која со многу љубов се грижи за децата на писателите, но и на излагачите и на персоналот на саемот.

Убаво сеќавање имам и од деновите на литературата во Швајцарија, каде беа поканети повеќе автори со деца. Тогаш сите на смена се грижевме за децата, така што секој од нас можеше да одговори на сите термини.

Во оваа бранша многу работи зависат од приватната иницијатива. За жал, сликата која преовладува за писателите во многу места е онаа на писател како суштество кое живее само.

Дана Григорчеа, родена 1979 година, е швајцарско-романска писаелка и филолог. Во 2011 година дебитираше со книгата „Баба Рада“, која е напишана на германски. Најновиот роман „Примарно чувство на невиност“ е издаден во 2015 година.