1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wulff Rede

4 октомври 2010

Кристијан Вулф, новиот германски претседател, во говорот по повод 20 годишнината од обединувањето на Германија, говореше на тема-интеграција. Иднината им припаѓа на државите кои се отворени за други култури, истакна тој.

https://p.dw.com/p/PTXv

Кристијан Вулф си го одржа зборот. Во триесетминутниот говор можеше повеќе да се слушне за интеграцијата и миграцијата, отколку за германското обединување, тогаш и сега. Ова не е само по себе разбирливо на денот кога се одбележува 20-годишнината од повторното обединување на земјата. Меѓутоа, важно беше тежиштето да се постави токму на таа тема. Во Германија веќе со недели владее проблематична вербална војна околу оние кои одбиваат да се интегрираат во германското општество, односно лица кои се обвинуваат дека живеат во Германија, без притоа да учат германски, не го почитуваат уставот и живеат само од социјална помош. Вулф ги спомена проблематичните точки, без притоа да се задржи на екстремно промашената интеграциона политика „мејд ин Дојчланд“. Учењето германски е задолжително за сите доселеници, а германското право важи за сите, истакна Вулф. Дотука, се` е разбирливо.

И исламот е дел од Германија

Многу подалекусежна беше клучната изјава на претседателот околу исламот. Христијанството и еврејството им припаѓаат на минатото и на иднината на Германија, рече Вулф. „Меѓутоа, во меѓувреме и исламот исто така“. Никој од високите политички кругови не го формулирал тоа толку јасно. Наспроти тоа, набројувањето на големите лаги, како што ги нарече Вулф, звучеа како нешто веќе избледено во сеќавањата. Меѓутоа, и тие биле искажани од највисоки претставници на државата, а не од кого било. Во таа насока, сојузниот претседател ги критикуваше фантазиите за мулти-култи општество, кои повеќе создаваат илузии, отколку што навистина ги решаваат проблемите. Шлаканица, пред се`, за левиот табор во земјата. Освен тоа, Германија веќе одамна е доселеничка земја, рече Вулф. Признание, што уште не го согледале многумина во граѓанско-конзервативниот табор.

Успешно поврзување

Останува само да се види колку брзо секојдневната политика ќе се соочи со редовите од говорот на претседателот, во кои беа истакнати и практични предлози за подобрување на ситуацијата со доселениците. На пример, часови по германски за целото семејство. Што ако Али претпладне на училиште зборува германски, но попладне дома само турски, бидејќи тоа е единствениот јазик што го знае мајка му. Или, пак, настава по исламска вероисповед на германските училишта. Нејзе секако треба да ја има, меѓутоа на германски јазик и од германски учители, побара Вулф.

Тој успешно ја поврза темата на денот, годишната од германското обединување, со главната тема на неговиот мандат. Вулф го зеде мотото на Германците од Источна Германија од 1989 година, „Ние сме еден народ“, притоа проширувајќи го. Неговото значење денеска мора да гласи - сите, кои живеат во Германија, се еден народ.

Значаен говор

Уставот не му дава на претседателот голема политичка моќ. Но, затоа тој ја има моќта на зборот, иако и тоа не премногу често. Неговата функција се состои во тоа да влијае врз општото расположение во Републиката. Затоа првиот поважен говор на Кристијан Вулф беше толку значаен. Јубилејот од германското обединување, и тоа дваесеттиот, беше гаранција дека Вулф и неговата порака ќе го добијат најголемото можно внимание и можеби она што го кажа ќе има влијание. Со оглед на жестоката дебата околу интеграцијата, претседателот ја искористи шансата барем општо да ја определи насоката на идната политика.

Автор на коментарот: Фолкер Вагенер

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска