1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Politikeraffären

16 декември 2011

Германскиот претседател Кристијан Вулф се најде под притисок на јавноста поради приватниот кредит од времето кога бил покраински премиер. Ретко што ги лути Германците толку како сомневањето за богатење преку функцијата.

https://p.dw.com/p/13TVX
Граѓаните се особено чувствителни на лично богатење преку функцијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Германските врвни политичари се сопкале на најразлични нешта - црни партиски фондови, како почесниот претседател на ЦДУ Хелмут Кол пред многу години, доушничка афера, како некогашниот покраински премиер на Шлезвиг Холштајн Бјерн Енгхолм од СПД, или љубов кон 16-годишна ученичка, како неодамна еден кандидат за покраински премиер. Притоа и да не зборуваме за пакостите на интернет, кои оваа година го чинеа Карл-Теодор цу Гутенберг докторска титула и функција, откако се утврди дека е плагијатор.

Но, се чини ништо не е толку опасно за еден германски политичар како сомнежот дека тој или некој негов близок се обогатиле лично преку функцијата. Иако професионалните политичари кај граѓаните немаат голем углед, јавноста по овие прашања мери и сече остро. Германскиот министер за економија Јирген Мелеман во 1993 година поднесе оставка поради тоа што на германските трговски синџири им препорачал чип за количките за купување во супермаркетите, произведен од фирма на негов роднина. Притоа, препораката била напишана во писмо со меморандум на министерството за економија. Сојузниот министер за сообраќај Гинтер Краузе, пак, ја плаќал својата чистачка со пари од Агенцијата за вработување и поради тоа мораше да ја напушти функцијата. Министерот за одбрана Рудолф Шарпинг во 2002 година беше отпуштен поради преблиски контакти со еден советник за односи со јавност, кој меѓу другото, му платил и скапи костуми.

Патувања, патувања...

Притисокот на јавноста и медиумите се чини е поголем кога во игра се лични предности и привилегии, отколку кога станува збор за политички потфрлања кои се тешко мерливи. Редица врвни политичари беа жртви на нивната страст за патување. Премиерот на Баден Виртемберг, Лотар Шпет, и неговиот колега по функција од Баварија, Макс Штрајбл, патувале на сметка на фирми. Премиерот на Долна Саксонија Герхард Глоговски заминал на свадбено патување на сметка на државата и беше принуден на оставка од страна на партискиот врв.

Symbolbild Steuerhinterziehung
Граѓаните веруваат дека политичарите земаат исклучително големи плати, што е предрасудаФотографија: picture-alliance/chromeorange

Секоја нова афера ја потврдува предрасудата на народот дека политичарите, во прва линија, во вид ја имаат личната предност и привилегии, за што, патем, придонесува и погрешното верување дека имаат големи плати. Актуелниот претседател Кристијан Вулф во едно интервју пред неколку години рече дека секој директор на штедилница е подобро платен од еден покраински премиер. Во покраината Саксонија Анхалт, во првите години по обединувањето на Германија, еден премиер мораше да замине од функцијата поради тоа што кога од западниот дел отишол во источниот дел на земјата, си земал плата во висина на западните плати, кои беа повисоки. По долгогодишен судски спор, судот пресуди во полза на премиерот, но неговата политичка кариера беше завршена.

Добро извинување, пари вреди

Зависно од тоа колку непријатен бил падот и колку многу притоа се налутила партијата, можен е евентуален камбек. Волфганг Шојбле, во 2000 година поднесе оставка на функцијата лидер на ЦДУ поради аферата со црни сметки, а денес е сојузен министер за финансии. Џем Ездемир, денеска лидер на Зелените, во 2002 година имал финансиски тешкотии и земал поволен приватен кредит од советник за односи со јавност. Освен тоа, за приватни цели користел премии од Луфтханза, добиени благодарение на тоа што патувал често службено. По оставката на функцијата пратеник во Бундестагот и престојот во САД, брзо следуваше негов избор за европски пратеник, а во 2008 година и избор на шеф на Партијата на Зелените.

Symbolbild Regierungskoalitionen SPD und Bündnis 90/Die Grünen
Засекогаш црвено, или повторно до зелено светло за функција, зависи од длабочината на падот на функционеротФотографија: picture-alliance/dpa

Особено големи се очекувањата од еден сојузен претседател и неговиот интегритет. Истовремено, меѓутоа, тој може да смета и на поголема воздржаност на партиите, се‘ додека обвинувањата не бидат сигурни. Како може еден сојузен претседател да преживее афера од минатото, покажа социјалдемократот Јоханес Рау. Тој не можеше да ги разубеди сите критичари кои го обвинуваа дека во времето додека бил покраински премиер на Северна Рајна Вестфалија користел летала на покраинска банка за да оди на партиски термини, што би било рамно на тајни донации за неговата СПД, но тој призна дека можеби направил грешка и се извини јавно. Политичари од различни партии му пружија поддршка. Еден од малкутемина кои упорно бараа СПД да го повлече Рау од функцијата сојузен претседател поради обвинувањата, беше во тоа време заменикот шеф на ЦДУ, и актуелен сојузен претседател на Германија - Кристијан Вулф.

Автор: Бернд Греслер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска