1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најважно е Скопје и Атина да го решат спорот за името

Силвера Падори23 јули 2008

Канцеларката Ангела Меркел на традиционалната прес конференција пред годишните одомори порача Скопје и Атина да го решат спорот со името. Во Берлин Меркел зборуваше и за европската перспектива на Балканот.

https://p.dw.com/p/EiPw
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

„Заштитата на малцинствата ако добро се сеќавам е вкоренета во Повелбата за основните човекови права што е дополнителна причина за ратификување на Лисабонскиот договор. Освен тоа во билатералните разговори и тоа како посветуваме внимание да бидат заштитени правата на малцинствата, што е проблем во сите европски земји. Сега во прв ред треба да се дојде до решение за спорот меѓу македонската или владата на ФИРОМ и Грција. Со тоа би се овозможило членството на Македонија во НАТО. Тоа секако би имало голем ефект и за соработката меѓу Македонија и Грција.“ - одговори канцеларката Ангела Меркел на прашање на Дојче Веле: дали во Европската унија заштитата на малцинствата и нивните права се по урнекот на оној во Грција, каде според Атина не постои македонско малцинство.

Ова беше само еден сегмент од традиционалната прес конференција на канцеларката Ангела Меркел пред годишните одмори. Во блокот прашања од надоврешната политика Меркел го манифестираше задоволството од утрешната средба со сенаторот Барак Обама, но акцент стави и на Балканот.

Зачленувањето на Србија во ЕУ ќе зависи од натамошната соработка

Според Меркел вчера беше добар ден што Караџиќ е уапсен и што српската влада најави дека ќе го предаде на Хашкиот трибунал. Сега останува да се види како ќе се одвива соработката на Србија со Хаг. Што се однесува до очекуваното брзо зачленување во Унијата се’ ќе зависи од натамошната соработка и исполнувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација. Инаку, европските перспективи на Србија никогаш не и биле оспорувани.

Лисабонскиот договор за канцеларката Меркел беше најзначаен настан на надворешно политички план од минатата година. Токму затоа и натаму ќе се настојува истиот да се спаси зашто со Ница договорот не е можно ново проширување на Унијата. Таа притоа изрази оптимизам посебно во однос на идното членство на Хрватска.

Инвестирање - санирање - реформирање

Секако дека една од темите на кои се зборувапе канцеларката беше и внатрешната политика и соработката во големата коалиција. На половината од легислативниот период според Меркел вистински се покажа слоганот што пред себе си го постави владата: инвестирање - санирање - реформирање. Позитивни ефекти од ваквите залагања и заедничка работа на големата коалиција за која и во иднина нема закани се: отворањето 1,6 милиони нови рабитни места, намалување на невработеноста, проекција на буџет без долгови за 2011, придобивки за семејството, пакетот за заштита на климата.