1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не може на еден народ однадвор да му се наметне нешто туѓо

9 декември 2009

Добро е што грчката влада не се впушти во компромисниот предлог на северниот сосед да се откаже од вето и да дозволи одредување почеток на преговори за пристап во ЕУ, вели Андреас Андрианопулос, доцент на колеџ во Грција

https://p.dw.com/p/KyAp
Атина пропушти неколку шанси

Андреас Андрианопулос, доцент на американскиот колеџ во Атина, во деведесетите години извршуваше министерски функции во владата на премиерот Константис Мицотакис и во тоа време се залагаше за изнаоѓање компромисно решение за спорот со името.

Сега веднаш нагласува дека смета оти северниот сосед би требало да покаже поголема готовност на компромис:

„Грција направи големи отстапки. На почетокот сакавме зборот Македонија воопшто да не се најде во името на соседот. Денес бараме само на ова име да му се додаде географска одредница. Тоа не би требало да биде толку тешко! Никој не спори дека еден дел од Македонија и’ припаѓа на Грција, друг на Бугарија и трет на нашиот северен сосед. Ако е тоа така, зошто тогаш таа држава да не се вика на пример Северна Македонија, каде е тука проблемот?“ , прашува Андреас Андрианопулос.

Дали некој негира постоење грчка Македонија?

Андрианопулос во Грција се смета за интелектуалец, кој не се плаши да провоцира и да полемизира. Притоа тој прифаќа дека го сметаат за циник, неолиберално настроен и премногу проамерикански ориентиран. Тој на времето се сметаше за еден од најголемите носители на надеж на грчките конзервативци. Денес нагласува дека во спорот со името Грција пропуштила голем број шанси за решавање на проблемот:

Zeus Tempel in Athen Griechenland

„Не може на еден народ однадвор да му се наметне нешто сосема туѓо. Ќе ви дадам еден пример: кога во деведесетите години ескалираше спорот со името, грчкото министерство за надворешни работи издаде информативна брошура, во која стоеше дека има грчки, бугарски и југословенски дел од Македонија. Ако тоа сме го признале, дека има југословенска Македонија, тогаш не можеме да бараме таа земја да не се вика воопшто Македонија. Но, затоа според мене можеме и тоа како да бараме на името на државата да му се додаде и географска одредница, за оваа земја да не се меша со грчката Македонија. Не разбирам зошто ова не е прифатливо. Или можеби некој сака да негира дека постои грчка Македонија?!“

Грција нема да прифати монопол над името Македонија

Атина нема никогаш да прифати северниот сосед да има монопол на името Македонија, појаснува Андреас Андрианопулос. Тој исто така го смета за легитимен фактот што Грција не сака да прифати прием на соседот во ЕУ додека не се реши проблемот со името. За предлогот на соседот Атина прво да се сложи со почеток на преговори за прием, а потоа да стави вето во некоја фаза од преговорите ако не се реши проблемот со името, Андрианопулос нема многу разбирање.

„Тоа според мене би било грешка. Тој предлог не би смееле никако да го прифатиме. Секое одложување води кон тоа да се создадат готови факти. Значи, Грција не би смеела никако да се впушти во такво нешто...“

Akropolis Athen Griechenland Nachtaufnahme

Скопје сега не покажува голем интерес

Андрианопулос оценува дека актуелното политичко раководство во Скопје не покажува голем интерес за изнаоѓање компромисно решение. Поранешниот претседател Киро Глигоров имал поинаков став. Тој во Грција не се сметал за инаетчија, туку за тактички вешт партнер за преговори. Некој како Глигоров денес би можел веројатно да помогне во изнаоѓањето прифатливо име, смета Андрианопулос:

„Тогаш ние го оцрнувавме Глигоров, но тој се чини дека дека беше подготвен да го прифати комромисниот предлог Северна Македонија. Сегашниот претседател има поинаков став и веројатно сака да го сврти вниманието на сограѓаните од другите проблеми во земјата и за тоа е подготвен да игра на националистичката карта за да ги мобилизира избирачите. Но, искуството покажува дека играњето со националистичката карта е секогаш опасно...“, нагласува доцентот на Американскиот колеџ во Атина, Андреас Андрианопулос.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска