1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не се сите одушевени од говорот на Обама

20 мај 2011

Американскиот претседател Барак Обама го одржа долгоочекуваниот говор, посветен на Блискиот Исток и Северна Африка. Со своите мировни визии за Блискиот Исток, Обама денеска (20.05) жнее пофалби, но и негодувања.

https://p.dw.com/p/11KJm
Барак Обама одржа говор за кој како ретко досега се дискутирало контроверзно уште пред да биде одржан
Барак Обама одржа говор за кој како ретко досега се дискутирало контроверзно уште пред да биде одржанФотографија: AP

Случувањата во Тунис, Египет, Либија, Сирија, Бахреин и други земји покажуваат дека угнетувачката политика веќе не функционира, истакна во говорот американскиот претседател Барак Обама. Во врска со конфликтот меѓу Израел и Палестинците, тој првпат се заложи за независна палестинска држава, базирана на границите од 1967 година.

Секој се концентрира на она што не му се допаѓа

Ретко кога претходно Израел и Палестинците толку контроверзно дискутирале говор на некој американски претседател. Барак Обама, притоа, само гласно го кажа она што веќе подолго време се спроведува како политика, коментира денеска германската агенција ДПА и го цитира политичкиот експерт Еитан Гилбоа, кој вели дека „секоја страна се концентрира само на оние делови од говорот што не и‘ се допаднале“.

Бенјамин Нетанјаху и Барак Обама (архива)
Бенјамин Нетанјаху и Барак Обама (архива)Фотографија: AP

Денеска (20.05) гостин во Белата куќа е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој по говорот на Обама искажа разочараност и нагласи дека основањето палестинска држава не смее да се прави на сметка на егзистенцијата на Израел. Тој го потсети американскиот претседател на ветување на американската влада од 2004 година, според која од Израел нема да се очекува повлекување во границите од 1967 година. Нетанјаху, освен тоа, бара Палестинците да го признаат Израел како татковина на еврејскиот народ.

Радикално-исламистичката палестинска организација Хамас, пак, на Обама му порача дека не се потребни лекции по демократија. Портпаролот на Хамас, Абу Сухри, стави јасно до знаење дека неговата организација, која инаку владее во Појасот Газа, нема да го признае Израел под ниедни услови.

Да се постапи одговорно

Германската канцеларка Ангела Меркел го поздрави говорот на американскиот претседател. Портпаролот на владата во Берлин, Штефен Зајберт, изјави дека говорот оставил голем впечаток врз Меркел, која ги повикува Израелците и Палестинците повторно да преговараат. Израелскиот премиер Нетанјаху и претседателот на Палестинците Абас, според германската канцеларка, треба да постапат одговорно. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, на говорот на Обама гледа како на силен сигнал на поддршка за демократскиот пресврт во Северна Африка и во арапскиот свет генерално.

Германската канцеларка Ангела Меркел го поздрави говорот на Обама
Германската канцеларка Ангела Меркел го поздрави говорот на ОбамаФотографија: AP

„Клучната порака е дека американската влада многу очигледно повторно сака храбро да учествува во мировниот процес за Блискиот ситок. Промените во арапскиот свет се и шанса за напредок во блискоисточниот процес. Тој процес, пак, истовремено е значаен придонес за успех на промените, на демократските револуции во арапскиот свет“, изјави Вестервеле во интервју за „Дојчландфунк“.

И првиот дипломат на ЕУ Кетрин Ештон ја поздрави заложбата на Обама за мировно решение за Блискиот Исток, врз основа на границите од 1967 година.

Во Египет говорот на Обама се коментира од студено до негативно. Еден од лидерите на Муслиманското братство, Есам ал-Ериан оцени дека говорот бил разочарувачки. „Американската заштитна рака за диктаторските претседатели во Сирија, Јемен и Бахреин останува“, смета Ал-Ериан, кој во говорот не гледа ниту дефинитивна одлука за повлекување од Ирак или Авганистан.

За разлика од Египет, Јордан го поздрави говорот на американскиот претседател кој, како што се наведува, е особено значаен поради изјавата за создавање независна палестинска држава во границите од 1967 година.

Автор: ЕМФ/БГ/дпа/дв

Редактор: Жана Ацеска