1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ни на небо, ни на земја!

Феликс Штајнер5 февруари 2009

Одлуката на папата Бенедикт Шеснаесетти за враќање во редовите на Католичката црква на британскиот бискуп Ричард Вилијамсон, кој јавно го негира холокаустот, предизвика голема дебата пред се’ во татковината на папата,

https://p.dw.com/p/GnDK
Како да се извлече од непријатната ситуација: папата БенедиктФотографија: picture-alliance/ dpa

Кога германскиот кардинал Јозеф Рацингер пред четири години беше избран за поглавар на Католичката црква, многумина негови сонародници беа изненадени, особено оние од постарата генерација. Не затоа што Рацингер не се смета за еден од најбрилијантните католички теолози на денешницата - тоа никој не го спори. Оние кои беа изненадени не можеа всушност да поверуваат дека Германец може да дојде на функцијата што се смета за една од најугледните и морално највозвишените во целиот свет - не по сите злосторства на националсоцијализмот, не по холокаустот. Дотолку повеќе што Рацингер и’ припаѓа по возраста на генерацијата која беше вклучена во овие недела. Кога тој сепак беше устоличен во Ватикан, многумина тој чин го доживеаа како дефинитивна рехабилитација на Германците и нивен повторен прием во денешниот цивилизиран свет. Затоа е толку фатален фактот што токму папата - Германец сега се најде под сомнеж дека во црквата толерира такви, кои јавно го негираат холокаустот. Оној кој писмените и усмените изјави на Папата внимателно ги следел во изминатите десет дена - ќе свати дека таквите обвинувања немаат подлога!

Па, како можеше тогаш папата да се најде во таква незавидна положба? Бенедикт Шеснаесетти ја повлече одлуката за екскомуникација на четворица бискупи, што потекнува од неговиот претходник Јован Павле Втори и беше донесена пред 20 години. Причина за исклучувањето од Католичката црква беше нивното устоличување како бискупи без дозвола на Ватикан. Со повлекувањето на одлуката за екскомуникација тие имаат повторно можност да одат на миса и да се исповедаат, но тоа не значи и дека се потполно рехабилитирани. Ним не им е дадена никаква моќ, што инаку им прилега на бискупите, а ни нивните спорни ставови околу односот на Католичката црква кон еврејската религија со одлуката на папата не станале официјален став на Црквата.

Papst Benedikt XVI Reaktion auf Williamson Rehabilitierung
Критики на сметка на папатаФотографија: AP

Добра намера со лош резултат

Проблемот е во нешто друго. Папата ја донел одлуката во својство на душегрижник и одговорно лице за единството на црквата. Од таа гледна точка таа може и да се разбере. Но, папата не е само теолог и душегрижник, туку поглавар на најголемата организирана религиозна заедница на светот, што значи неговите одлуки имаат секогаш и голема политичка тежина. Политичката порака што стигна до очите на светската јавност беше опасна: папата враќа во скутот на црквата еден деклариран антисемит и негатор на холокаустот. И тоа ни повеќе ни помалку, туку папата по потекло од Германија, од земјата на сторителите на големите злостори!

Се вмеша и канцеларката Меркел

Тоа е објаснувањето зошто беше или се’ уште е толку интензивна реакцијата во германската јавност. Овде негирањето на геноцидот врз Евреите е деликт што подлежи на казна. Тоа го објаснува и следниот историски новитет, имено, мешањето на канцеларката Ангела Меркел во надлежностите на папата. Бидејќи во Германија претстојат избори за парламентот во вториот дел од годината, јасно е зошто брзо за збор се јави и претседателот на социјалдемократската партија, Франц Минтеферинг. Како канцеларката Меркел, така и Минтеферинг имаат многу силен политички инстикт - за разлика од папата Бенедикт. Тој пак сега се наоѓа во клопка. Ако остане на одлуката, тогаш ризикува јавната критика да му ја ослаби позицијата, па дури и на целата црква во јавниот живот. Ако пак ја повлече одлуката, што исто така би бил историски новитет, тогаш му се заканува повеќе или помалку истата судбина - ќе излезе неверодостоен. Бидејќи, Католичката црква не е политичка партија, што може да се води според движењето на јавното мнение и мнозинскиот принцип.

Сепак, папата може да им ја појасни својата одлука на верниците, како и на другите заинтересирани луѓе. Тоа во секој случај може да го побараме од Бенедикт Шеснаесетти!