1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никола Димитров: Јас сум оптимист со грижи

17 јануари 2018

Очекуваме да биде понудена првична рамка што ќе помогне да ги структуираме дискусиите,со надеж дека тоа ќе овозможи суштински напредок“, вели шефот на македонската дипломатија, во однос на разговорите за името во Њујорк.

https://p.dw.com/p/2qxcA
Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

Жежок ден на македонската политичка сцена. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска доаѓа во дводневна посета на Република Македонија, а во Кривичниот суд треба да започне судењето за мега-предметот на СЈО „Таргет - тврдаина“ за нелегалното прислушување над 20 илјади граѓани во Македонија. Сепак, и двата настана делумно ќе бидат во сенка на она што ќе се случува од другата страна на Атлантикот - новата рунда разговори меѓу посредникот на ОН, Метју Нимиц, и преговарачите на Македонија и Грција во спорот за името, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.

Повеќе на темата:

-Спор за името: Големи одлуки бараат големи лидери

-Столтенберг во Скопје како „порака само по себе“

-Акст: Во спорот за името македонската страна има мала предност

Првична рамка за разговори

Зошто е особено значајна денешнава рунда разговори?

„Очекувањата се, од страна на господинот Нимиц да биде понудена првична рамка што ќе помогне да ги структуираме дискусиите, со надеж дека тоа ќе овозможи суштински напредок“, изјави за Дојче веле македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Со оглед дека и тој во еден период беше преговарач во спорот за името, го прашавме дали има видлива разлика во реториката, пристапот и методологијата со која денес се водат разговорите, односно што е суштински сменето во споредба - некогаш и денес.  

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

„Многу е сменет е контекстот. И ние видовме што значи да сме предолго во чекалната, но видоа и нашите соседи и ЕУ, дека тоа е неодржлива ситуација. Иако и претходно имало фази со висок интензитет на средби, сега е забележливо многу поголемо внимание во јавноста, а и никогаш досега министри не изразиле подготвеност да влезат во процесот со подиректна улога“, потенцира Димитров.

Смета дека е чин на врвна политичка одговорност да се искористи оваа шанса на позитивна атмосфера за решавање на дводеценискиот проблем. 

„Ние сме решени во рамките на можното да го движиме процесот кон решение. Со Грција сме соседи, и вечно ќе бидеме соседи. Но, нештата не зависат само од нас, туку и од другата страна. Во моментов, наша највисока одговорност е да направиме се што можеме, да го искористиме овој прозорец, и да се качиме на европскиот воз, бидејќи за нас таму е перспективата, напредокот, иднината“, вели шефот на македонската дипломатија.

Запрашан дали е оптимист за исходот на процесот, кратко одговара: „По природа сум оптимист, а во случајов сум оптимист со грижи“.

Да не ги игнорираме проблемите

И како „по правило“, секогаш кога некои процеси ќе тргнат во позитивна насока, се случува нешто што може да ја еродира таа нагорна линија во регионот, кој функционира како „систем на сврзани садови“. Таков пример е вчерашниот чин, кога во Косовска Митровица беше убиен Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“. Многу регионални аналитичари изразија стравувања дека ваквите настани можат негативно да се одразат на напредокот на целиот регион. 

„Најостро го осудуваме тој чин. Каква било негативна вест од ваква димензија е негативна вест и за Република Македонија, и за целиот регион. Тоа уште повеќе ја зголемува одговорноста да не ги игнорираме проблемите и да одиме напред и индивидуално, и сите држави заедно. Во тој контекст, секогаш кога ќе се појави шанса за успех треба да се искористи, бидејќи е тешко сите прашања да се решат одеднаш“, потенцира Димитров.

Право на „Македонија“

Напорите за решавање на спорот за името се прават токму во име на безбедноста, добрососедството и интегрциските цели на Македонија - членство во ЕУ и НАТО. Поддршка во таа насока Македонија особено очекува од соседите. И покрај позитивните сигнали од грчката Влада, кај јужниот сосед се видливи и дисонантни тонови по прашањето како го гледаат евентуално решение на спорот за името. Дел од здруженијата со префиксот „македонски“ се подготвуваат и ја мобилизираат јавноста за голем митинг најавен за 21-ви јануари во Солун, од кој до властите ќе испратат порака дека името „Македонија“ не смее да биде во евентуалното решение за името на северниот сосед. Но, како што пренесуваат грчките медиуми, првиот демант на ваквите надежи стигнува од медијаторот Нимиц. 

Matthew Nimetz
Фотографија: MIA

„Терминот 'Македонија' e дел од решението“, изјавил Нимиц во интервју за грчката телевизија ANT1, потсетувајќи дека „повеќе од 100 земји ја признаа државата како 'Република Македонија'“. Тој изразил надеж оти може да се најде решение што ги задоволува и грчките услови, но и очекувањата на нивниот сосед.
Притоа повторил дека на денешната рунда разговори нема да понуди нов предлог.
„Реков и во интервју пред неколку недели, дека тука нема волшебно решение. Ако имало, би го откриле во последните 25 години (...) Во сегашните околности, ќе бараме различни решенија на нов начин. Тоа е она што јас се обидувам да го направам“, изјавил Нимиц.
Медијаторот ги поздравил намерите на Грција да игра важна улога во регионот, а во актуелниот контекст, посочил дека еден од начините да го направи тоа - е да го реши и проблемот со нивниот северен сосед. Според Нимиц, „никој не изглегол победник, со тоа што во изминатите 25 години не било најдено заедничко прифатливо решение“.