1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц бара поинтензивен дијалог

21 септември 2010

Грчките и македонските претставници ја зголемија тензијата на маргините на Генералното собрание на ОН, откако индиректно си упатија нови обвинувања околу спорот со името и неговото решавање.

https://p.dw.com/p/PHuH
Метју Нимиц смета дека не е време за финален предлогФотографија: Petr Stojanovski

За грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Друцас Грција е таа која што е чесна и конзистентна, а за македонскиот претседател Ѓорге Иванов Македонија е таа која 15 години по ембаргото во деведесеттите повторно се соочува со блокада, која директно влијае на македонскиот развој. По средбата со медијаторот на ОН во спорот околу името Метју Нимиц, Друцас во неформалниот дел од брифингот со грчките новинари го обвинил и македонскиот премиер Никола Груевски дека не сака да дојде на Ист Ривер за да не се сретне со премиерот Јоргос Папандреу. Предходно, во говорот во кој објаснуваше зошто Македонија целосно не ги остварила милениумските развојни цели, Иванов рече дека јужниот сосед со своите блокади свесно предизвикува сериозни последици врз политичкиот, но и врз економскиот живот на земјата:

Mazedonien Wahl Ivanov
Ѓорге Иванов со обвинувања на сметка на ГрцијаФотографија: AP

„Македонија, 15 години по првото трговско ембарго од Република Грција, се соочува со нова блокада која ги нема карактеристиките на ембаргото од деведесеттите, но сепак ги има истите последици. Факт е дека Република Грција е еден од најголемите инвеститори во Република Македонија, но исто така, факт е дека со блокадите во интеграциските процеси, индиректно ни‘ се блокира привлекувањето на други инвеститори и инвестиции.“

Нимиц ја турка топката во насока на лидерите

Нимиц по средбата со Друцас потврди дека ќе биде претпазлив со идеите затоа што сега не било време за финален предлог, туркајќи ја топката кон лидерите на двете земји. Сепак, неговиот оптимизам вчера беше за нијанса поголем. Следен чекор, според него, треба да биде зголемен дијалог меѓу двете земји. Нимиц е уверен дека постои решение кое е прифатливо и кое нема да штети на националните позиции на двете земји:

Griechenland Stellvertretender Aussenminister Dimitris Droutsas
Димитрис Друцас тврди дека Грција е чесна и конзистентнаФотографија: AP

„Во одреден момент ќе има решение за овој проблем. Процесот ќе дојде до крај. Постои конструктивен однос и дијалог на повисоко ниво. За ова прашање се вложува многу напор и мислам дека во оваа фаза треба да се работи за да се види дали двете страни можат да дојдат до решение кое ќе ги задоволи националните интереси“, изјави Нимиц по средбата со Друцас.

На средбата не беше грчкиот премиер Папандреу, кој по говорот на Ист Ривер замина во Вашингтон на средби со високи претставници на американска администрација. Нема потврда дека таму ќе разговара за спорот со Македонија.

Автор: Горан Момировски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска