1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова димензија на меѓународното право

23 јули 2010

Одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја коментираат и германските дневни весници.

https://p.dw.com/p/OSE4
Фотографија: DW

„Франкфуртер алгемајне“ на насловната страница донесува коментар под наслов: „Нема победа за Србија“, во кој читаме:

„Добрата вест е што конфликтите на Балканот сега се водат пред суд, а не повеќе на боиштата. Правните мислења, во меѓувреме, станаа најопасното оружје, на местото на гранатите. За Србија, излетот во Хаг заврши со пораз, иако српските политичари наредните денови ќе го тврдат спротивното. Србија очекуваше дека со процесот пред Меѓународниот суд на правдата ќе го сопре натамошното признавање на Косово во меѓународната јавност. Во меѓувреме, меѓутоа, Косово го признаа веќе 69 држави, а по ваквата одлука на Судот, нивниот број веројатно ќе се зголеми.

И српската игра со стравот од можно дестабилизирање на регионот во случај Косово да се прогласи за независно, се покажа како погрешна. Реалноста го покажува токму спротивното: двете години по независноста на Косово се покажаа како најмирни и најстабилни во регионот, во последниве две децении. Создавањето втора албанска држава придонесе за зголемена стабилност во целиот балкански регион.

За Белград пресудата од Хаг би можела да биде повод за преиспитување на деструктивната политика кон Косово. Никој не бара Србија да влезе во таборот земји кои ја признаа независноста на Косово, но се чини дека е време за попрагматичен курс“, се вели во коментарот на „Франкфуртер алгемајне“.

Коментаторот на „Тагесшпигел“ заклучува дека Меѓународниот суд на правдата покажал храброст, па вели:

„Тукуречи никој не очекуваше ваква јасна одлука од Судот во Хаг. Таа нема правно обврзувачко дејство, но сепак ќе ги поттикне настојувањата за стекнување автономија и во другите делови од светот. Никаде во Европа, во последниве 100 години, не сме биле сведоци на толку често и толку трајно кршење на принципите на самоопределување на народите и на правото на територијален интегритет на државите, како на Балканот. Исто така, никаде не се судираат толку драматично овие две права како на Балканот.

Државната сувереност на Косово ја признаа 69 држави, меѓу кои и САД и 21 членка на ЕУ. До ден денес, 120 други држави се воздржуваат да го сторат таквиот чекор - меѓу нив се и Русија, Кина и Шпанија. Причината за тоа е многу очигледна: правото што им се дава на Косоварите, тешко ќе може да им се забрани на народите од Кавказот, на Тибетанците и на Баските.“

„Зидојче цајтунг“ на одлуката на Судот во Хаг гледа на следниот начин:

„Балканските војни отворија нова димензија на меѓународното право, која уште не е сфатена во сите детали. Тешкото сеќавање на масакрот во Сребреница, како и на масовните протерувања на Албанците на Косово, не и’ дадоа мир на меѓународната заедница. ОН како консеквенца од таквите искуства на немоќ извлекоа темелен принцип на одговорност да заштитуваат. На тој начин воената интервенција на НАТО во 1999 година доби правна основа. Меѓународната заедница отсега има право да се вмеша кога некоја држава грубо ги крши човековите права, кога дозволува масовни протерувања, етнички чистења или геноцид. Одлуката на Меѓународниот суд на правдата за независноста на Косово е само логично продолжување на ваквата интерпетација на правото. Суверената држава не е толку суверена!“, заклучува коментаторот на „Зидојче цајтунг“.

„Франкфуртер рундшау“, пак, смета дека Меѓународниот суд на правдата не е местото каде што може да се реши косовското прашање:

„Одлуката на Судот на косовските ’победници’ и на српските ’губитници’ ќе им даде само нова муниција во војната на зборови, што се води по завршувањето на војните во поранешна Југославија. Доколку сето воопшто остане само на војна на зборови!

Колку и да беа големи гревовите на српската страна во Балканските војни изминатите две децении, сепак едностраното прогласување независност на Косово пред две години, беше провокација. Притоа не смееме да заборавиме дека етничко-националистичките закоравувања содржат опасност од експлозија исто толку, како и порано.

Конфликтот меѓу правото на државата и правото на етнички дефинираните народи не може никогаш да го разреши некое правно мислење. Него може да го реши само Европа и тоа на тој начин, што на сите страни ќе им понуди перспектива да станат дел од ЕУ. Таа и самата ја бара средината меѓу принципот на државна сувереност и национална автономија.

Ние, Европејците, кои на времето тргнавме во војна за Косово, сега треба да ја понесеме одговорноста, иако тоа не е лесно. Оној, кој мисли дека ќе го реши проблемот само со еднострано признавање на независно Косово, тој размислува премногу лекомислено“, смета коментаторот на „Франкфуртер рундшау“.

Обработка: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска