1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оперското пеење не ослободува од истрага

28 ноември 2017

Каков 'аргумент' е тоа дека приведени биле лекар, оперски пејач или пратеник? Лица се приведуваат за она што се сомничат дека го сториле, а не според тоа што се по професија, вели Воислав Зафировски.

https://p.dw.com/p/2oP7H
Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Обвинителството нареди приведување на 36 лица осомничени за насилствата во СобраниетоФотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Патетично, популистички и без никакви правни аргументи. Ова се дел од забелешките на обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поради денешните приведувања на пратеници од нивната партија, заради учество во настаните во Собранието на 27 април.

„Каков 'аргумент' е тоа дека меѓу приведените имало лекар, оперски пејач, режисер или пратеник?“, реторички прашува Воислав Зафировски, поранешен помошник-министер за внатрешна контрола во МВР и екс-претседател на Антикорупциската Комисија.

„Лицата се приведуваат според доказите за она што се сомничат дека го сториле, а не според тоа каква е нивната професија. Секој што е осомничен за кривично дело може да биде приведен, без разлика дали пеел во Миланска скала или бил премиер“, вели тој.

Зафировски останува на ставот за „крвавиот четврток“ кој го објави веднаш по настаните во парламентот, под наслов: Упадот во Собранието - сценарио на Груевски, режија на Чавков.

Повеќе на темата: 

- Груевски обвинува за политички прогон

- Приведени над 20 учесници во крвавиот четврток

- Што предвидува членот 313 на Кривичниот законик

Денеска пак, опозициски медиуми ја пренесуваат изјавата на ќерката на приведениот поранешен директор на БЈБ, Митко Чавков, дека не може за тероризам да биде обвинет нејзиниот татко кој целиот работен век го поминал во МВР и се посветил на дадената заклетва дека ќе ги чува законите и Уставот на земјата. Таа се пожали и дека утрово не им било дозволено нему да му ја дадат здравствената терапија. 

„Не верувам во правна држава. Единствен грев на татко ми е што си ја сакал и чувал државата“, рече Зорица Чавкова.

Mitko Cavkov Innenminister Mazedonien
Ексминистерот за внатрешни работи Митко Чавков е меѓу приведенитеФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Кој како ја чувал државата?

Зафировски потсетува дека по настаните од 27-ми април Чавков на прес-конференција соопшти дека во Оперативниот штаб на МВР кој го раководеше тој, немале информации дека во критичниот ден по 18 часот ќе се избира претседател на Собранието и соодветно на тоа, претпоставил дека протестот како и дотогаш ќе се одвива мирно. Заради таквите проценки не биле ангажирани соодветен број полициски службеници. Но, до денес остана неодговорено зошто во клучните моменти (повеќе од еден час) не бил достапен на телефон за министерот за внатрешни работи, а ажурно одговарал на повиците на партиски лидер (Никола Груевски), кој тогаш беше во Виена, зошто нему му реферирал за настаните во парламентот и каде бил додека отсуствувал од обврските во Оперативниот штаб?

На социјалните мрежи се редат критики и за „аргументите“ на Груевски од типот - „уапсен татко на две деца, мајка на три деца итн...

„Какви се овие аргументи? Па зарем тие од 'Пајажина' (А1 ТВ) немаа деца кога ги апсеа? И Љубе Бошкоски имаше три деца. По две и три деца имаа и многу други што ги апсеа пред камери, но не заради евидентни насилства, туку за монтирани случаи“..., гласат некои од коментарите. 

Протестот „издишан“ 

Под аргументот дека ова е политички прогон, упатен преку повикот на ВМРО-ДПМНЕ и обраќањето на партискиот лидер Никола Груевски, пред Кривичниот суд попладнето се одржува протест поради денешните приведувања на пратеници од нивната партија, заради учество во настаните во Собранието на 27 април. Груевски стигна на протестот по 14 часот и 30 минути, придружуван од партиски членови и пратеничката група. Таму се и поранешниот градоначалник на  Скопје, Коце Трајановски, Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, Соња Тарчуловска, сопругата на пратеникот Јохан Тарчуловски, актерот Тони Михајловски, како и членови на семејствата на дел од приведените. Дел од членовите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, попладнево наводно се упатиле на состанок кај шефот на државата Ѓорге Иванов.

Протестот до попладнево не бележи голема масовност. Извори од партијата тврдат дека голем дел од членството „не чувствувало порив“ да дојде, бидејќи главниот виновник за настаните од 27-ми април и последиците од нив го гледа токму во првиот човек на партијата. Во врвот на партијата доминирал ставот дека „мора да се изнесе народ“, но и стравувања дека истрагата може да стигне до „главниот кат“ од Белата палата. Меѓу последните кој стигна во Судот со полициска придружба беше еден од организаторите на пролетните протести, Богдан Илиевски (Бетмен велит). За време на протестот, сообраќајот на булеварот околу Судот е блокиран, а просторот обезбедуван од полицијата. Додека присутните пред Судот повремено скандираат „Слобода, слобода“, во судот приведените се уште даваат исказ пред судија на претходна постапка. За сите 36 лица Обвинителството побарало мерка притвор. Покрај Чавков, приведени се полициски началници, како и пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во врска со настаните во Собранието на 27 април годинава.