1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата: Општеството е рамнодушно кон верата

22 септември 2011

Папата Бенедикт Шеснаесетти при својата прва посета на Германија беше пречекан со највисоки почести. Неговото планирано обраќање во Бундестагот, предизвика критики и протести кај дел од граѓаните и пратениците.

https://p.dw.com/p/12eeX
Папата Бенедикт Шеснаесетти и канцеларката Ангела МеркелФотографија: dapd

На почетокот на својата прва официјална посета на татковината, папата Бенедикт Шеснаесетти се пожали на рамнодушноста на општеството кон религијата. Поглаварот на римо-католичката црква беше пречекан од германскиот претседател Кристијан Вулф и канцеларката Ангела Меркел, како и повеќемина министри. Папата најпрво беше примен од претседателот Вулф, а неговата посета е под мотото „Онаму каде е Господ, таму е иднината“.

На луѓето им треба заедништво

За соживот на луѓето потребна е база која ќе ги поврзува, во спротивно секој ќе го живее само својот индивидуализам. Религијата е една од ваквите основи за успешно заедништво, порача папата.

Papstbesuch in Deutschland 2011 Berlin
Папата Бенедикт Шеснаесетти и претседателот Кристијан ВулфФотографија: DW

Германскиот претседател Вулф во својот говор истакна дека папата доаѓа во земја во која христијанската вера не е нешто што се подразбира само по себе, во која црквата мора наново да ја дефинира својата позиција во плуралното општество. Во новите предизвици за црквата спаѓа нејзиниот однос кон преломните моменти во животот на луѓето, со кризните моменти во својата сопствена историја и со погрешното однесување на нејзини свештеници, истакна Вулф.

Папата се интересира за Европа

По получасовната приватна аудиенција кај папата, германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека папата особено бил заеинтересиран за темата Европа. Европското единство е нешто од што Германците не смеат да се откажат, зашто тоа за Германците значи демократија, слобода и благостостојба, истакнала Меркел.

Таа со папата разговарала и за финансиските пазари.

Спорен говорот во Бундестагот

Попладнево е предвиден говор на папата во Бундестагот. Околу 100 пратеници од опозициските партии во парламентот имаат намера да го бојкотираат говорот на папата. Тие сметаат дека религиозни водачи не треба да држат говор во Бундестагот.

Papstbesuch in Deutschland 2011 Berlin Flash-Galerie
Фотографија: DW

Против посетата на папата и против неговиот морал кон сексуалноста протестираат неколку илјади луѓе во Берлин. Папата претходно изјави дека се‘ додека протестите се мирни, се нормална работа во слободно општество и во секуларниот свет.

Бројот на поддржувачи на папата во Германија е сепак поголем од бројот на оние кои се против него. Доказ за тоа е бројката од 250.000 луѓе кои се пријавиле за учество на четирите миси под отворено небо. Дури и за онаа во Олимпискиот стадион во Берлин, кој е претежно протестантски, па дури и атеистички настроен, се пријавиле 80.000 луѓе.

Автор: ЖА/АТ/дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска

  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема