1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собир на МАНУ: Критики за власта, стравувања за иднината

ДТЗ
27 септември 2021

„Држава направивме и нема да ја изгубиме“, порача Стево Пендаровски, истакнувајќи дека е потребен широк национален консензус за равој.

https://p.dw.com/p/40vmI
Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

„Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме“, порача денеска претседателот Стево Пендаровски, на научниот собир е во организација на МАНУ, кој на заедничка маса со актуелниот претседател (барем виртуелно) ги седна и неговите двајца претходници. Актуелните политички состојби, пречките за евроинтеграцијата, отворените прашања со соседите и иднината на земјата беа главните точки на кои се осврнаа Стево Пендаровски, Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски

Пендаровски вели дека јасно е дека во оваа фаза од политичкиот развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите актуелни политички актери се должни со скромен личен пример да придонесат за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава.

„Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми“, вели Пендаровски.

Што се однесува до Договорот со Бугарија од 2017 година, Пендаровски не очекува негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што не постои маневарски простор. „Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“, дециден е претседателот. 

Пендаровски, кој се обрати по настапите на неговите претходници на функцијата, порача и дека дебатата треба да се води за иднината на државата, а не одново да се отворат историските архиви. 

„(...) Ако сакаме, зборувам за државните политики, можеме да ја продолжиме нарацијата за историски губитници, поделено национално ткиво, народ историски онеправдан, ембарга и санкции, за Лисабонската декларација, за условите да станеме членки на Обединетите нации со услов каков што реално не бил поставен пред никого претходно, но, сето тоа припаѓа на архивите на историјата.“  

Предупредувања 

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој се обрати преку видео-врска, ја критикуваше власта за односите со соседите, но и за начинот на водењето на преговорите со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција. 

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Ѓорге ИвановФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет, на етничка група. Оттогаш сѐ веќе беше подготвено за она што денеска ни се случува. Како претседател често предупредував за тоа што сега ни се случува, предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско уништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и јазик нема ниту македонското прашање. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го диктира она што е наше стекнато право и тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати“, рече Иванов. 

-повеќе на темата: „Вака повеќе не може, овој балон ќе пукне“, вели Бранко Црвенковски 

Тој смета дека Со Договорот со Бугарија, власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. „Она што Македонија го добива за возврат е самопонижување преку одродување од сопствената историја без која немаме компас за иднината“, рече Иванов. 

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев оцени дека денешните политичари се слуги на дневно-политичките и геостратешки интереси, а не на државотворните интереси, што денес заеднички ги славиме.

„Сепак, радоста, гордоста и спокојот произлегуваат од мојата увереност, дури и сигурност, дека македонската држава, идентитет, јазик, наука и уметност ќе опстојат на овие простори во вековите што следат“, рече тој.