1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделени ставови за иднината на УНМИК на Косово

24 март 2009

Членките на Советот за безбедност на ОН на синоќешната седница за ситуацијата на Косово изнесоа различни ставови околу реконфигурацијата на мисијата на ОН.

https://p.dw.com/p/HIUc
Советот за безбедност на ОНФотографија: UN Photo/Eric Kanalstein

Амбасадорите на САД, Велика Британија и Франција го поздравија процесот на реконфигурација на УНМИК и активностите на мисијата на ЕУ-Еулекс за преземање на должностите на Косово. Од друга страна, амбасадорите на Кина и Русија истакнаа дека УНМИК и натаму треба да функционира согласно Резолуцијата 1244 на ОН. Шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, при презентирањето на извештајот за активностите на мисијата до март годинава, оцени дека ситуацијата на Косово е претежно стабилна, но напомена оти и натаму постојат етнички тензии посебно во регионот на Северна Митровица.

Белград бара воздржаност од натамошно признавање на Косово

Boris Tadic
Борис ТадиќФотографија: AP

На седницата присуствуваа и српскиот претседател Борис Тадиќ и косовскиот министер за надворешни работи, Скендер Хисени. Тадиќ ги повика мисиите на ОН и ЕУ во целост да го исполнат својот мандат во Косово, а државите-членки на ОН, кои досега не ја признале независноста, да останат воздржани се додека Меѓународниот суд на правдата не го изнесе мислењето за легалноста на сецесијата. „Многу е важно што и покрај сите проблеми ќе дојде до примена на планот од шест точки и распоредување на мисијата на Еулекс. Исто така дека тоа ќе се одвива врз база на договор со сите релевантни фактори, меѓу кои е пред се Република Србија. Белград е подготвен во целост да соработува со мисијата Еулекс на територијата на нашата покраина и бидејќи нејзината мисија е потврдена во рамки на ОН, можам да кажам дека Еулекс е добредојден на Косово“, изјави Тадиќ.

Приштина најавува интензивирање на соработката

Kosovo Außenminister Skender Hyseni
Скендер ХисениФотографија: AP

Шефот на косовската дипломатија Скендер Хисени истакна дека властите во Приштина се залагат за укинување на УНМИК и за интензивирање на соработката со Еулекс. Тадиќ истовремено нагласи дека Србија нема да се откаже од легитимната борба на дипломатски начин. Тој нагласи дека на седницата имал обврска пред цел свет да го каже ставот на Србија за бомбардирањето од страна на силите на НАТО и додаде дека Србија сака да продолжи да ја бара својата иднина во светот.

Извор: Агенции, Дојче веле Обработка: Костадин Делимитов

Редактура: Трајче Тосев