1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобро 150 евра плата дома, отколку клупа во туѓина

1 март 2010

Белгија е се’ позагрижена за состојбата со македонските имигранти кои во оваа држава бараат азил, но не можат да го добијат.

https://p.dw.com/p/MFfU
БриселФотографија: AP

Рано изутринава повторно пред Бирото за странци десетици и десетици граѓани, кои од Македонија и Србија пристигнаа со автобус, чекаа ред за да поднесат документација со надеж дека Белгија ќе ги прими и дека тука ќе можат да останат. Велат доаѓаат во потрага по подобар живот, во Македонија им рекле дека Белгија ќе ги прими и ќе им обезбеди стан и пари.

„Во Македонија е лошо, овие политичари не работат за народот, ни Албанците, ни Македонците, затоа доаѓа целиот народ овде“, вели Али од Куманово.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Но, неколку ката погоре, во топлите простории на Бирото за странци директорот ни објаснува дека овие луѓе не ги исполнуваат критериумите за азилантски статус, сите ќе бидат одбиени и вратени дома, ако треба на сила. Феноменот зема невиден замав. Директорот вели дека никогаш не виделе ваков бран на социо-економски мигранти пред нивните канцеларии. Вели, од Македонија добивме 360 барања, а од Авганистан само стотина месецов. Белгија одлучи на прашањето да му даде највисок политички приоритет, а премиерот Ив Летерм идниот понеделник ќе замине за Македонија заедно со неговиот министер за мигарција, Мелкиор Ватле.

Белгискиот министер за миграција одлучи да остане ден повеќе во Македонија и да ги посети македонските и српските села кои со недели се празнат, на лице место да се запознае со незадоволните граѓани и сомнителните туристички агенции кои ги организираат овие нелегални патувања. „Ни треба помош од македонските власти затоа што нашите информации говорат дека овој феномен не ја засега целата територија на Македонија туку одредени делови, исто така соработка ќе ни треба во моментот кога овие луѓе ќе ги враќаме кај нив.“

Не се исклучува ревидирање на одлуката за визна либерализација

Belgien flämischer Ministerpräsident Yves Leterme
Белгискиот премиер на 8 март во СкопјеФотографија: picture-alliance/ dpa

Ако напливот на мигранти од Македонија не биде сопрен на време, не е исклучено ревидирање на одлуката за визна либерализација. Иако е рано за вакви прогнози, властите треба на време да ги преземат сите потребни мерки: „Нашиот премиер Ив Летерм ја алармираше Европската комисија за ова. За да им каже дека во последниве недели живееме една многу чудна ситуација во која имаме визна либерализација, што по себе е добра работа, но имаме стотици луѓе кои доаѓаат да бараат заштита, азил, тоа не беше предвидено. Има многу контакти помеѓу Европската комисија и Владите за да нејдеме решение кое сите ќе не задоволи,“ вели директорот на Бирото за странци во Брисел.

Во меѓувреме, Али и неговите пријатели од Куманово, Скопје, Гостивар велат дека се чувствуваат измамени и за неколку дена ќе се вратат во Македонија. Подобро 150 евра плата дома, отколку клупа во парк во туѓина: „Нема ништо овде, само те лажат дека има азил, не малтретираат со децата, ги вадиме од училиште, јас сум Албанец ама зборувам и за Македонците и за Ромите, живееме во една држава, не лажат, не верувајте дека ќе ве примат, се’ е лага“, вели Али.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска