1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Постои ли банкарска тајна?

4 февруари 2010

Спорот меѓу Швајцарија и Германија за украдените податоци на лица кои својот имот го криеле во швајцарските банки повторно го отвори прашањето - дали банкарската тајна се’ уште постои и уште колку долго ќе опстои?

https://p.dw.com/p/Ls0H
Фотографија: dpa

Банките се обврзни на молк кога се работи за податоците на своите корисници. Тоа е основата на банкарската тајна и овие институции мораат само во случаи кои се пропишани со закон, на пример во случај на кривично дело, да ги откријат овие податоци. Дури и германскиот закон за данок начелно ја почитува банкарската тајна, иако зависи од самите држави, како и дали ќе го ограничат молкот на банкарите.

Всушност во Германија и не постои пишан закон за банкарската тајна, но постојат други прописи. Tака, банките се должни на даночното биро да му пријават добивка од вложениот капитал, па на даночните обврзници не им е тешко да пресметаат колкав е износот што некој го вложил. Затоа Германците кои не сакаат државата да им ѕирка во паричникот, ги изнесуваат своите пари во странство, особено во земји во кои затајувањето данок не е кривично дело, како Швајцарија, на пример.

Негодување за двојно оданочување

Таа сепак не е единствената земја која привлекува пари на странски државјани со својата дискреција, бидејќи листата е доста долга: од Бахамите, Уругвај и Малезија, па се’ до земји како Русија и Саудиска Арабија. Малите земји се изложени и на далеку поголеми притисоци од развиените, кои бараат размена на единствени обрасци за размена на податоци меѓу даночните бироа или нудат билатерални договори против двојното оданочување, при што е доволно да се плати данок во една земја за да се избегне плаќањето во друга.

Mann flüstert einer Frau etwas ins Ohr
Фотографија: Illuscope

Швајцарија и досега не сакаше да потпише таков договор со Германија, а по скандалот со украдените податоци, таквата желба ќе биде уште помала. Од алпската земја стигнуваат жестоки обвинувања на сметка на соседот, а веќе беше соопштено и дека властите во Берн немаат намера да пружат никаква правна помош при истрагата за случајот во Германија. Но, во Берлин не се многу загрижени поради заканите, бидејќи го знаат примерот од сличниот спор кој неодамна изби меѓу Швајцарија и Франција.

Имено, и во тој случај се работеше за украдени податоци на Французи со имот во Швајцарија, а земјата повторно се закануваше дека нема да го потпише договорот за двојно оданочување. Епилогот од таа приказна беше одлуката на Франција да и‘ ги врати на Швајцарија украдените податоци, но остави на своите граѓани самите да заклучат дали француските даночни власти не задржале и копија од податоците.

Автор: Хенрик Беме / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска