1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приказна за две села

8 април 2021

Приказната за Македониите почнува во две соседни села во струмичко - Моноспитово и Муртино. Приказна за тажната судбина на единствениот македонски конзервативен десничар во независна Македонија. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3rhfZ
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Тоа беа најдобрите времиња, тоа беа најлошите времиња, тоа беше време на мудроста, тоа беше време на лудоста, тоа беше епоха на верата, тоа беше епоха на неверба, тоа беше доба на Светлината, тоа беше доба на Темнината, тоа беше пролет полна со надеж, тоа беше зима полна со очај, имавме сè пред нас, имавме ништо пред нас, сите одевме директно во рајот, сите одевме директно на другата страна.

Така Чарлс Дикенс ја започнува својата „Приказна за два града", денес употребена како шлагворт за приказната за двете Македонии, Моноспитовската и Муртинската како парадигма за шизофреничноста на поднебјето и времето. За позадината на мачните тегоби наследени од колено на колено на едните, за благодетите наследени од колено врз колено на другите, за оцрнетото белило и избледенето црнило кое саде една невидлива рака ги дели и меси и бои со усти полни љубов низ усни искривени во садизам. Приказната за Македониите започнува во две соседни села од таму некаде струмичко – Моноспитово и Муртино. Такви села имало насекаде низ Југославија, од Хрватска до Македонија, едното патеничко, другото славеничко, едното џандарско, другото стопанско, едното жртвувано, другото славено, едни бегаа отаде океани, на други им доаѓаа отаде океани. Атар до атар, атер до атер. Една приказна за две села во една Македонија и тажната судбина на единствениот македонски конзервативен десничар во независна Македонија.

Моноспитово било приклучено кон Кралството СХС по првата светска војна. Од пазувите на ова село се изродиле редица комити и патриоти на ВМРО. Кротката паства однавек имала блиски односи со методистичката црква, која служела како прозорец кон светот, за што денес сведочат неколку методистички цркви во селото. Патриотскиот дух на моноспитани бил вбележан и низ имињата на училиштата кои и ден денес опстојат – Свети Кирил и Методи, Гоце Делчев. Поради таквиот дух, Моноспитово било дежурна цел и објект на блиска присмотра од страна на комунистичкиот естаблишмент.

-претходни колумни од авторот: Европска демократура против американска стабилократија

На фрли камен, отспротива блеска селото Муртино, сместено на граница, таму каде прерипувањето меѓи секогаш бил вносен, профитабилен занает, со дозвола на властите од двете страни, некогаш поради шверц, некогаш поради информација. Запоменето по дедо Јован, кој се преселил во селото во збег откога убил „некој познат Турчин”. Од Муртино немало многу видни комити и ВМРО-вци, но затоа Атанас на дедо Јован наводно помагал во шверцување на Гоце Делчев преку граници. И давал пари за Илинденското востание. Во Муртино е најстарата методистичка црква во регионот. Денешното основно училиште уште се гордее со името на - Маршал Тито.

Трајковски и Заеви

Во тоа мало Моноспитово живеел скромниот земјоделец Кире Трајовски, поранешен војник во Армијата на Бугарија. Осуден од комунизмот на две години затвор поради давање храна и вода на воени заробеници. На вредниот верник Кире господ му подарил близнаци, едниот Александар, другиот Борис. Борис Трајковски. Кој по завршувањето на студиите заминува за САД каде ќе се стекне со титулата Методистички министер. По враќањето дома, Борис Трајковски бива протеран од комунистичките власти во некое зафрлено село во источна Македонија. Без многу врева, Борис ја продолжува мисијата преку помагање на сиромашните Роми од Кочани, блиски до Методистичката црква.

Отспротива, во Муртино живее сложното семејство Заеви. За кои единствениот опис е оној од биографијата на помладиот син на Панче, Зоран според која биле „просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество“. Просперитетни бизнисмени на социо-политиката. Толку.

-претходни колумни од авторот: Дипломатија и доктрина

Борис Трајковски ќе остане запаметен како најобразованиот македонски функционер на Македонија, образован и формиран низ универзитети од САД до Британија, со совршено познавање на англискиот јазик. И воедно најисменуваниот како „сељак, дибек, неписмен” од страна на универзитетската парашкола на Македонија. Зоран Заев има завршено економски факултет, со љубопитно-колоритно-забавно познавање на, па, сите јазици. И заносно славење од неговата клиентела како „визионер, Тито наш, несуден Нобеловец”.

Mazedonien Boris Trajkovski
Борис Трајковски, поранешен претседател на МакедонијаФотографија: AP

Благодарение на неговите црковни контакти  Трајковски успеа да стигне до Џорџ Буш Јуниор и го убеди да ја признае неговата земја под уставното име. Останува непознаница за историјата зошто наследниците на Трајковски и Буш немаа успех (поточно, желба) да тоа признание го искористат како темел за понатамошна надградба. Таа средба ќе остане запаметена како последната врска на нашето Водно со Белата куќа, по што односите ќе се вратат на ниво на Стејт Департмент. Иако комплетниот советничко-новинарски апарат на Трајковски речиси по команда ќе премине кај Заев. И Заев го виде Трамп. На минување.

Доминација на екс-комунизмот

Наследниците би сакале да двете приказни бидат за нив. Но оваа приказна е сепак за Борис Трајковски, единствениот десничарски-конзервативен политичар во Македониjа со сите салтанати, обележја и карактеристики. И над се, со јасен конзервативен бекграунд на неговото семејство и средина од која има потекнато. Не е дека и кај Албанците имало премногу асли-конзервативни политичари со слични белези. Со исклучок на Невзат Халили и Зијадин Села. Чуден некој феномен, за земја во која и наш и ваш сакаат да се китат и слават како поданици на овој или оној стар комита или балист, но со речиси апсолутно отсуство на вистинска конзервативна десница во суштина, а не глума.

Запишете ги на лист хартија имињата на првата десетка, море дваесетка на политичари на нашата политичка сцена – од власта и опозицијата. И обидете се да најдете еден, единствен (со исклучок на Села) кај кого нема да најдете јасна и лесно докажлива спона со комунизмот, со поранешниот систем или со фамозните служби. Се разбира, за СДСМ и нејзината јадица Левица, тоа е прашање на јавно декларирана определба, со се симболи и програмски папирологии. Речиси истото важи и за ДУИ, делумно поради марксистичкиот бекграунд на водството, делумно поради нивниот вкус за фаворизирање ликови од стари полициско-системски семејства. Но најбитниот доказ за таа доминација на екс-комунизмот денес ќе ја најдете кај ВМРО-ДПМНЕ. Или пак можеби не е само од денес. Останува енигмата зошто скраја толку домашни надворешни политички емигратни, Љубчо Георгиевски покажуваше таква слабост за кадри на марксизмот и комунизмот, како Доста Димовска, Димитар Димитров, и воедно таква омраза кон Борис Трајковски како единствениот лик за кој јавно ќе зажали што го има номинирано за претседател. Експлозијата на комунизмот во десничарско руво сепак ќе се случи во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, обајцата чеда на комунизмот. Обајцата, О Времиња, О Судбини!, предводници на демек-лустрацијата на комунистичките соработници. Доминацијата на комунистичкиот педигре во опозицијата е обезбедено преку партиски современата реплика на средновековната пракса на дворовска размена на принцови и принцези – ти мене Гордана, ја тебе Никола.

-претходни колумни од авторот: Камчев е камче

Та не сме само ние, та не сме оригиналот во оваа чудна приказна за десницата и комунизмот. Запишете ги на лист хартија имињата на првата десетка, море дваесетка, а бе триесетка на политичари, злотвори и крволоци од последните југословенски војни, меѓу кои едвај ќе наидете на еден или два лика без комунистички бекграунд. Со можеби исклучок на Алија Изетбеговиќ. Од Слоба, омилениот комунист на њујоршките банкари, до Фрањо комунистичкиот генерал и понатаму до синовите на ЈНА официри како Аркан и Легија. Страшилото од комунизмот, југо-емиграцијата низ западот, речиси беше безначајна во крвавите судири, освен како топовско месо на раскараните комунисти на братство-единствениот колеж.

Баучот на комунизмот сеуште виси над нашите глави. Па така, пред неколку недели Клаудиу Насуј, министер за економија на Романија, излезе со предлог за усвојување на Закон за создавање јавен регистер со имињата на сите вработени во поранешната тајна служба Секуритате – вклучително и нивните роднини! И се чини дека од ден на ден, таа тајна врска со комунистичкото минато и апсолутната доминација на квази-левицата во регионот станува се понеподнослива за домашните „пучанства” и се поценета алатка за манипулација од страна на западните демократии, десничарски или левичарски сеедно.

-претходни колумни од авторот:Т’зи дупка, сепак дупка 

Доминацијата на комунистичката бирократија во регионот е еквивалент на белата супремација на западот, додека пак автентичната национална конзервативна десница е речиси збришана, непостоечка, сотрена. Левицата на Балканот во очите на Западот е еквивалент на „позадинскaтa” соработка со екс-нацистите ширум Европа во борба против комунизмот. И тогаш и денес, сатарот на сотирање беше вперен кон национал-конзервативните десници, но не кон интернационалните форми на десниот национал-социјалистички расизам или левичарскиот национал-социјалистички шовинизам. Вократко, секоја национална форма на самоизразување е прикажана како закана, опасност, зло, за разлика од интер-националните форми на екстремни левици-десници чии командни центри се секогаш некаде далеку, толерирани, заштитени и скриени во скутот на глобалните Левијатани.

Вреди да се мисли и збори за Борис денес. Да се памети, по неговите дела. Но и како илустративна споредба помеѓу неговиот роден и вроден конзервативизам, култивиран, хранет и плаќан од рана младост. И денешните новокомпонирани конзервативни национал-десничарски крстоносци со луди младости минати со срп-и-чекан во пазуви. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач