1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Припаѓа ли исламот кон Германија?

8 октомври 2010

Германскиот претседател Кристијан Вулф предизвика спротивставени реакции во делови од јавноста со неговите изјави за улогата на исламот во Германија. Критичарите велат дека тој го изедначил исламот со христијанството.

https://p.dw.com/p/PY8N
Фотографија: DW Fotomontage

Дебатата околу искажувањата на сојузниот претседател Кристијан Вулф не престанува. Во неговиот говор на Денот на германското обединување во неделата (03.10.2010), тој се вклучи во актуелната дискусија во јавноста околу интеграцијата на доселениците од муслиманските земји во Германија. Со изненадувачка јаснотија тој, притоа, побара почитување за исламот:

„Христијанството без сомнеж припаѓа кон Германија. Јудаизам несомнено припаѓа кон Германија. Тоа е нашата христијанско-еврејска историја. Но, мои многу почитувани дами и господа, и исламот, во меѓувреме, припаѓа кон Германија.“

Bundespräsident Christian Wulff Deutsche Einheit Rede
Претседателот Кристијан Вулф за време на говорот по повод Денот на обединувањетоФотографија: picture alliance/dpa

Исламските вредности да се усогласат со основниот демократски поредок

Ваквото гледиште не се дели насекаде во Германија. Пред се`, во Христијанско-демократската и во Христијанско-социјалната унија претседателот наидува на критики поради ваквите зборови. Исламот не припаѓа кон Германија, како христијанството и јудаизмот, велат некои пратеници во Бундестагот од редовите на ЦДУ и ЦСУ.

„На кој ислам се мисли тука? Исламот кој во многу, многу земји е во очигледен контрадикција со нашиот слободен демократски основен поредок, не може да припаѓа кон нас“, вели Волфганг Бозбах, претседател на комисијата за внатрешни работи во Бундестагот.

Незадоволството стана толку големо, што канцеларката Ангела Меркел виде потреба да ги објасни зборовите на претседателот Вулф:

„Мислам дека претседателот укажа на нешто, што сметам дека е важно. Прво, дека Германија е определена од христијанските и еврејските корени, но и оти е важно во однос на исламот, вредностите што тој ги застапува да се усогласат со нашиот устав. Кај нас важи Уставот, а не шеријатското право.“

Symbolbild Religionen in Deutschland
Фотографија: DW

Исламот што ги угнетува жените не припаѓа кон Германија

Поддршка за зборовите на Вулф дојде од опозицијата. „Добро е она што го кажа Вулф“, изјави пратеникот на Социјалдемократската партија Олаф Шолц. Истовремено, тој ја обвини владата дека става на располагање премалку пари за интеграција на странците. Пратеникот на Зелените, Јозеф Филип Винклер, ги обвини критичарите на претседателот дека намерно погрешно ги сфаќаат и интерпретираат неговите зборови:

„Што тогаш кажа претседателот? Се разбира не кажа дека исламот што ги угнетува жените припаѓа кон Германија и ние се радуваме дека е така. Толку глупаво говорење во празно не сум чул одамна.“

Политичарот на Зелените, Харалд Волф, пак, побара доселениците да не бидат дискриминирани поради нивната религија и погледи на светот. Тој се противи на тоа да се води нова дебата за базичниот систем на вредности. Единствени критиериуми за него во Германија можат да бидат само човековите права и демократијата. На тоа се спротивстави премиерот на покраината Хесен, Фолкер Буфие, од редовите на ЦДУ. Тој порача дека кон системот на вредности припаѓа раздвојувањето на државата од црквата. Тоа е контрамодел на исламското шеријатско право, кое поради тоа никогаш не може да биде основа за интеграцијата во Германија.

Автор: Бетина Маркс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска