1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Дали дедовците на овие политичари биле нацисти?

Мајкл Тробриџ | Катрин Весоловски
30 април 2022

На социјалните мрежи кружат фотографии со нацистички офицери, за кои се тврди дека се предци на актуелни политичари во Германија и во Полска. ДВ утврди дали се во прашање факти или невистини.

https://p.dw.com/p/4AYOg
Bildkombo Karl Lauterbach, Olaf Scholz, Christioan Lindner, Donald Tusk

На Телеграм, Твитер и на Фејсбук во последно време масовно се споделуваат фотографии со високи офицери во нацистичка Германија. Некои корисници сметаат дека во прашање се дедовците на германските политичари кои се во актуелната власт, меѓу нив министерот за финансии Кристијан Линднер, министерот за здравство Карл Лаутербах, но и канцеларот Олаф Шолц. Се споменува и името на поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, чиј дедо наводно доброволно служел во Вермахтот.

На фотографиите еден до друг се прикажани ЕсЕс-офицерите и актуелните германски политичари кои се наводно нивни внуци. ДВ го провери секое од овие тврдења.

Тврдење 1: Еден корисник на Телеграм смета дека генерал-потполковникот на Вафен ЕсЕс дивизијата, Фриц фон Шолц, е „дедо на актуелниот канцелар Олаф Шолц“.

Со проверка е утврдено дека ова тврдење е неточно.

FakeNews aus Russland Angebliche nationalsozialistische Vorfahren Politiker Olaf Scholz
Фотографија: Azmilitary1/Telegram

Човекот на фотографијата горе лево е Фридрих Макс Карл Шолц Едлер фон Раранче, австроунгарски офицер роден во 1896 година. Се придружил на ЕсЕс во 1933 година, а загинал борејќи се против советската армија во 1944 година. Овој офицер немал деца, наведува германската агенција ДПА.

Повеќе: Проверка на факти: Во Буча нема „живи“ лешови

Портпаролот на германската влада за ДВ нагласи дека ова тврдење е „целосна бесмислица“, бидејќи таткото на Олаф Шолц е роден во 1935 година, а неговите баба и дедо работеле на железницата во хамбуршкото пристаниште. Според една веб-страница која води записи за германските имиња, Шолц е често презиме во Германија, и околу 30.000 луѓе со ова презиме живеат ширум земјата.

Извесно е дека овие лажни наводи потекнуваат од рускиот олигарх Евгениј Пигожин, кој ги прошири дезинформациите за Шолц најверојатно од одмазда, поради тоа што Германија ги оспори руските тврдења за геноцид над Русите во Донбас.

Тврдење 2: На Телеграм, исто така, се прошири информација дека Герхард Линднер, генерал-мајор во Вермахтот е „дедо на министерот за финансии Кристијан Линднер“.

Со проверка повторно е утврдено дека ова тврдење е невистина.

Од службата за односи со јавноста на германските Либерали, партијата на Линднер, соопштија дека ова тврдење е, исто така, „најобична бесмислица“.

Според воените записи, Герхард Линднер за време на Втората светска војна ја предводел 346-тата пешадиска дивизија Гец вон Берлинген, која била во составот на ЕсЕс-единиците. Починал во 1982 година, во еден мал град на северот на Германија.

Повеќе: Проверка на факти: Зошто е погрешно тврдењето на Русите дека Украина ја почнала војната

Од друга страна, бабата и дедото на Кристијан Линднер, барем од едната страна, се со потекло од западногерманскиот град Вупертал, каде што имале пекарница. Кристијан Линднер е роден  во 1979 година, а во својата автобиографија пишува дека во детството често си играл во пекарницата на неговите баба и дедо.

Линднер е, исто така, едно од најчестите презимиња во Германија.

Тврдење 3: На социјалните мрежи кружи и фотографија од Хартман Лаутербахер, наводен дедо на актуелниот министер за здравство Карл Лаутербах.

FakeNews aus Russland Angebliche nationalsozialistische Vorfahren Politiker Karl Lauterbach
Фотографија: Azmilitary1/Telegram

Ова е исто така невистинита информација. Имено, презимињата на овој германски ЕсЕс-офицер и актуелниот министер за здравство се различни, па така првиот се вика Лаутербахер, а министерот Лаутербах. Освен тоа, овој нацистички офицер е роден во Австрија во 1909 година, а починал во Баварија во 1988 година, по тегобниот повоен живот што го поминал во бегство од кривично гонење за воени злосторства, открива германски неделник „Шпигел“.

Актуелниот министер за здравство Карл Лаутербах е роден во скромни услови во 1963 година, во мал германски град на границата со Холандија. Неговиот татко е роден во 1935 година и работел во млекарница, а мајка му била домаќинка.

ДВ не можеше да ги утврди деталите за бабата и дедото на министерот Лаутербах, но во годината кога се родил неговиот татко, австрискиот нацистички офицер Лаутербахер се оженил во Брауншвајг, а кум му бил нацистичкиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс.

Ниту Лаутербах ниту Лаутербахер не се чести презимиња во Германија.

Тврдење 4: На Телеграм се прошири и фотографија на Јозеф Туск, кој бил член на Службата за безбедност на ЕсЕс-Рајхсфирерот, и за кој се тврди дека е директно поврзан со поранешниот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск.

FakeNews aus Russland Angebliche nationalsozialistische Vorfahren Politiker Donald Tusk
Фотографија: Azmilitary1/Telegram

Дедото на Доналд Туск навистина се викал Јозеф Туск, но тој никогаш не бил припадник на ЕсЕс-единиците.  Советот на ЕУ за веб-страницата „Фулфект“, која се занимава со проверка на факти, потврди дека Јозеф Туск бил полски државјанин кога бил уапсен од страна на нацистичката полиција Гестапо во 1939 година. Бил затвореник во концентрационен логор, а кога бил ослободен во 1942 година, бил регрутиран во Вермахтот, односно вооружените сили на нацистичка Германија. Јозеф Туск дезертирал во 1945 година и пребегал во Полска.

Дополнително, лицето прикажано на фотографијата не е Јозеф Туск, туку еден од ниските офицери кои припаѓале на разузнавачката агенција на високиот функционер на ЕсЕс, Хајнрих Химлер, соопшти Сојузниот германски архив.

Портпаролот на Европската народна партија на Туск потврди за ДВ дека на фотографијата не е дедото на Туск, и оти неговиот дедо не бил припадник на Службата за безбедност на ЕсЕс.

Со пребарување на официјалните документи и архиви главно е можно да се утврди дали во прашање се лажни тврдења и фотомонтажи. Меѓутоа, сѐ повеќе дезинформации за германските политичари се шират на социјалните мрежи, а се претпоставува оти доаѓаат од таканаречените „руски ботови“, односно профили на социјалните мрежи кои се блиски до Кремљ.