1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Раздвижено на релација Скопје - Атина

28 август 2017

На средбата Коѕиас-Димитров на 31 август ќе се разговара исклучиво за мерките за градење доверба. Спорот за името и евентуални нови предлози, ќе дојдат на дневен ред по завршувањето на локалните избори.

https://p.dw.com/p/2iwIa
Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
Фотографија: Reuters/C. Baltas

Работна група од македонското МНР заминува во Атина на усогласување на пакет мерки за подобрување на економските, транспортните, енергетските односи и инфраструктурните врски меѓу двете земји. Тоа ќе ѝ претходи на посетата на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој на 31 август доаѓа во возвратна посета на Македонија по јунската средба во Атина со неговиот македонски колега, Никола Димитров. Неофицијално, Коѕиас може да пристигне еден ден порано пред официјалните средби со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, со претседателот Ѓорге Иванов и со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Се шпекулира дека ќе пристигне со автомобил за да го избегне слетувањето на скопскиот аеродром кој го носи името „Александар Велики“, но ако се има предвид дека би требало да патува по автопатот „Александар Македонски“, и нема голема „разлика“. Токму во преименувањето на одредени објекти и патишта, Грција очекува да ги види првите потези на Владата на Зоран Заев како знак на добра волја и прекинување на националистичката политика на претходната влада. Грчки медиуми уште во јули објавија дека симболичен потег на добра волја во градењето меѓусебна доверба, би било на пример, преименувањето на скопскиот аеродром „Александар Велики“.

Мерки на доверба

Како што тврдат за ДВ извори од МНР, на средбата ќе се разговара исклучиво за мерките за градење доверба и степенот на нивното досегашно спроведување. Според грчкото МНР, „Грција останува посветена на подобрување на соработката меѓу двете земји, придонесувајќи за консолидација на култура на консензус и компромис, со цел стабилност во Македонија и на регионално ниво“. Грчки медиуми не исклучуваат дека на средбата може да биде отворен случајот со македонскиот конзул во Торонто, Јовица Палашевски, кој се сликаше со карта на Голема Македонија, што во Грција беше протолкувано како провокација. Министерот Димитров уште минатата недела го соопшти ставот за овој случај. „Иако настанот не е во организација на Генералниот конзулат во Торонто, сликањето со мапа која навлегува во територијата на Република Грција не е политика на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и не е политика на Владата на Република Македонија“, рече Димитров.

Тој најави дека како министер за надворешни работи нема да дозволи излети кои се против Уставот на Република Македонија и Времената спогодба.

Griechenland Mazedonien Treffen der Außenminister in Athen
На средбата во Скопје ќе се разговара исклучиво за мерките за градење доверба, се вели во СкопјеФотографија: Reuters/C. Baltas

Предлози за името - кон крајот на годината

Она што е извесно - е дека Коѕиас и Димитров на средбата нема да разговараат за спорот за името. И двајцата летово имаа посебни средби со посредникот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц, на кои медијатророт направи уште еден обид за оценување на ставовите на двете страни околу можното решавање на отвореното прашање. Според домашни и грчки извори, таа тема ќе дојде на дневен ред по завршувањето на локалните избори во Македонија. По средбата со шефот на грчката дипломатија на 17-ти јули во Брисел, Нимиц рече дека постои „нов импулс“ во напорите за наоѓање решение за проблемот. Тој, по средбата со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на 3-ти јули во Скопје, потврди дека не разговарале за нови предлози за името, ниту дека дошол со конкретен предлог.

„Разговаравме за самиот процес и за тоа како тој да се интензивира“, изјави Нимиц, потенцирајќи дека „не треба да се очекуваат значајни промени во решавањето на спорот во следните неколку месеци, затоа што сега допрва ќе се разгледуваат ставовите на двете страни“.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Грција очекува прекинување на националистичката политикаФотографија: picture-alliance/dpa

И претходно, грчки медиуми повикувајќи се на високи претставници во ЕУ и САД, пренесоа дека може да се отвори можност за решавање на спорот за името во периодот меѓу локалните избори во октомври годинава и претседателските избори во Македонија во 2019 година. Но, според последните навестувања, намерите се таа временска рамка да се скрати и процес да се интензивира до мај 2018 година. За заложбата што поскоро да се затвори ова прашање, говори и изјавата на премиерот Зоран Заев по завчерашниот Самит на премиерите на земјите од Западен Балкан во Драч. На новинарско прашање - дали Македонија има поддршка од земјите од регионот за прашањето околу спорот со Грција, премиерот Заев одговори: „Верувам дека сите земји се пријателски настроени кон Македонија и желни да ѝ помогнат на Македонија по секое прашање, како што и ние сакаме да им помогнеме. Ова прашање е билатерално, и верувам дека само позитивните пораки и охрабрувањето од земјите од Западен Балкан, може да бидат сериозен придонес кон решавање на ова чувствително прашање. Останувам на очекувањето за решавање на проблемот низ дијалог, воден од ОН, преку Метју Нимиц. Очекувам до крајот на годината или почетокот на идната година, да има нови идеи од Нимиц за решавање на ова прашање. Убеден сум дека позитивниот амбиент кој постои во целиот регион, позитивниот однос на Македонија со сите земји во регионот, така и со Република Грција, можат да бидат само од полза, дури и за решавање на вака чувствително прашање“.

Грција остана без страшило

Но, црвените линии на Грција по ова прашање се разнишани по смената на власта во Македонија, и особено по потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија. Тоа неодамна го констатираше и весникот „Катимерини“ во анализата, насловена „Софија, Скопје и името“.

„Сега, првпат во последниве неколку години, имаме некои нови податоци, кои под одредени услови можат да го откочат процесот, но сепак не пред локалните избори во октомври во Скопје“, оцени весникот, потсетувајќи дека на сцената веќе не е националистичката хистерија на Груевски, која досега ѝ давала аргументи на Грција да ја спречи евроатлантската перспектива на земјата.

„Сега што ќе правиме без страшило? Заев нема да ни го направи тоа задоволство да гради други статуи или да толерира негови високи функционери да мавтаат со знаме на 'Голема Македонија' на Олимп, како што направи поранешниот министер за надворешни работи Милошоски (...) Не само тоа, приближувањето на Софија и Скопје веќе се случи. Бугарската министерка за надворешни работи Захариева кажа дека Софија нема да се согласи на име со географска дефиниција како Северна или Горна Македонија, бидејќи тоа може да ги подгрее аспирациите за Пиринска Македонија, дел од старата Македонија што ѝ беше даден на Бугарија. Со оглед на тоа што Скопје веќе ја отфрли географската формула, сега доби и сојузник во лицето на Бугарија, која досега беше сојузник на Грција. Така, се формира неформален фронт на Софија и Скопје против црвената линија на Атина за сложено име со географска одредница за сите (ерга омнес). Ако на тоа се додаде противењето на коалициониот партнер Каменос на име што ќе содржи Македонија, тогаш работата се компликува во однос на тоа што сакаме ние“, завршува анализата на грчкиот весник.