1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Islamische Revolution Jahrestag

11 февруари 2010

На 11 февруари 1979 година колабираше режимот на шахот во Иран. Земјата денеска (11.02.2010) одбележува 31 година од револуцијата, која се оддалечи многу не само од своите идеали, туку пред се‘ од граѓаните.

https://p.dw.com/p/LyB4

Исламската револуција во својата турбулентна историја беше проткаена од две многу различни слики, кои речиси и не можат да се поврзат.

Првата е слика на луѓе полни со надеж кои се залагаат за повеќе демократија, за граѓански права и човечко достоинство, луѓе кои храбро се бореа против диктатурата на шахот и дадоа големи жртви за да го симнат од власт. Среќни луѓе кои по крвавото минато си посакуваа подобра иднина, иднина без каква било дискриминација, иднина во земја која е мозаик на малцинства.

Втората слика ја прикажува сегашноста на едно несреќно општество, го прикажува погрешниот пат на една деформирана револуција, со исламски владетели кои за да си ја осигураат власта се подготвени на се‘. Брутални повреди на човековите права се секојдневие во безбожната „божја држава“. Властодршците во Техеран се обидуваат со закани, апсења, па дури и погубувања да го заплашат незадоволното општество. Тие сакаат да ги заменат искинатите нишки на доверба со крвав синџир на принудна послушност.

Историјата на исламската револуција е историја на борба меѓу илузијата и стварноста, меѓу тогашната надеж и сегашното разочарување. Луѓето, разбудени од старите илузии, ја отфрлаат ваквата несакана стварност. Но, луѓето ги немаат заборавено своите стари пароли и се потсетуваат се‘ уште на нивните неисполнети цели.

Младите се јавуваат за збор

Колку и да се неповрзливи двете слики, тие се сепак поврзани - ако една револуција се потпира врз илузии, создавањето на втората слика е речиси програмирано. Сега тоа го чувствуваат оние, кои три децении беа носители на исламската револуција - групата на религиозни интелектуалци.

Faroughi_Jamsheed-(2).jpg
Џамшид Фаруги, автор на коментарот

Сега за збор се јавуваат младите. Одамна не станува збор само за спорните претседателски избори. Станува збор за „преклопувањето“ на илузиите и стварноста. Таканареченото „зелено движење“ е борба на младите Иранци против илузиите на нивните татковци од првата слика и истовремено борба против бесперспективната стварност од втората слика.

Се вели дека револуциите ги јадат своите деца. Исламската револуција во тој поглед се покажува како ненаситна. Таа не само што ги јаде нејзините деца, туку и нејзините татковци. Затворите се преполни со луѓе, кои пред 31 година и‘ беа на располагање на револуција со своите совети и дела. На триесет и првата годишнина, илузијата за револуцијата е комплетно избришана. Сега почна одбројувањето за промена на неподносливата стварност.

Автор на коментарот: Џамшид Фаруги

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска