1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението за спорот со името не може да се одлага до бесконечност

28 јуни 2011

Спорот за името не може да биде централно прашање за почеток на пристапните преговори на Македонија, смета Гунтер Крихбаум. Ханс-Герт Петеринг, пак, апелира на решение, зашто проблемот не може бесконечно да се толерира.

https://p.dw.com/p/11kj8

На почетокот на летово 2011-та, Македонија и Европската унија имаат еден заеднички проблем - Грција. Европската унија се концентрира на спасот на Грција од банкрот, а Македонија, поради спорот со името, се’ уште чека на почеток на пристапните преговори.

До кога земјата и нејзиното евроатлантско интегрирање ќе бидат заложници на расправијата околу името со јужниот сосед?

„Не, не може да остане вечно вака. Во моментов Грција е преокупирана со други работи, затоа можеби малку и ќе треба да се почека. Но, не можеме решението на ова прашање, името на Македонија до бесконечност да го одлагаме. Ни треба решение во догледно време и апелирам до обете страни да имаат добра волја за да го изнајдат“, изјави за македонската програма на Дојче веле Ханс-Герт Петеринг, поранешен претседател на Европскиот парламент и моменто прв човек на фондацијата Конрад Аденауер.

Dr. Pöttering
Апел за добра волја и решение на спорот Ханс-Герт ПетерингФотографија: Dr. Pöttering

Споредено со кризата – името скромен проблем

Дека проблемот е согледан, подвлекува и Гунтер Крихбаум (ЦДУ), претседател на комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг. Според него мора да се направи исчекор напред и да продолжат разговорите меѓу двете страни, иако во моментов односите во Грција не се наједноставни.

Gunther Kriechbaum MdB
Европа има и други проблеми Гунтер Крихбаум (ЦДУ)Фотографија: Gunther Krichbaum

„Затоа мора да се забележи, дека споредено со актуелната должничка криза во Грција, проблемот со името е скромен. Од друга страна, мора да се внимава и сигналот од македонска страна да не е пресилен. Тука мислам, пред се’ на ситуации кога еден аердором се именува во Александар Велики и слични работи кои ги иритираат Грците“, изјави Крихбаум. Тој смета дека треба да се изнајде европско решение за спорот. „Ова значи, дека во време на обединета Европа, вакви работи не смее да стојат на патот. Важно е скоро да се најде решение за спорот. Не може за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, спорот со името да биде централно прашање. Имаме навистина други проблеми во Европа“, коментира Крихбаум.

Но, дали не е момент Европската унија поконкретно да се вклучи во решавањето на спорот со името, со што би се отворил патот на Македонија кон ЕУ?

„Европската комисија е свесна за овој проблем. Знам дека комесарот за проширување Филе води разговори во оваа насока. Се обидува да влијае врз актерите на спорот. Ова важи и за целата Европска комисија. Уште еднаш би подвлекол: имаме други проблеми во Европа и овој не би требало да го има. Се надевам на скоро конструктивно решение“, подвлекува Гунтер Крихбаум.

Оптимистичка визија

Никој точно не знае, и релативно е колку скоро би се решил спорот, и кога Македонија би ги започнала пристапните преговори. Сепак, Ханс-Герт Петеринг, за Дојче веле одговара како ја гледа Македонија по 10 години: „Се надевам за десет години Македонија ќе биде членка на ЕУ, дека заеднички во Европа ќе соработуваме и дека Македонија или формално Поранешна Југословенска Република Македонија и Грција се добри партнери и добри соседи. Тоа е моја желба - Македонија и Грција да бидат добри соседи и потоа да работат заеднички со сите нас во Европската унија“, ја отслика својата визија за иднината на Македонија, Ханс-Герт Петеринг, поранешен претседател на Европскиот парламент и актуелен прв човек на фондацијата Конрад Аденауер.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема