1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Груевски ги потроши сите кредити

3 мај 2017

Сега конечно мора да се овозможи формирање нова влада. Иванов мора да постапи согласно својата уставна одговорност. Циничната игра за власт е спротивна на интересите на граѓаните, вели за ДВ Михаел Рот од германското МНР

https://p.dw.com/p/2cGRt
Türkei Istanbul Michael Roth
Фотографија: Reuters/O. Oral

ДВ: Македонија и четири месеци по изборите сѐ уште нема влада или функционален парламент. Во четвртокот, драматичното насилство во парламентот, односно врз пратениците, ја доведе земјата речиси на работ на граѓанска војна. Кој е одговорен за оваа ескалација и за повеќемесечната блокада?

Михаел Рот: Во Македонија во моментов сме сведоци на една тажна игра. Запрепастен сум и ужаснат од тоа како политичарите околу екс премиерот Груевски секојдневно ја прокоцкуваат својата веродостојност. Сметката на крајот мора да ја плаќаат граѓаните во Македонија. Изборите се одржаа пред месеци. Очекуваме конечно, откако е избран претседател на парламентот, сега да се формира и влада. Никој не смее да се извлекува од демократските правила. Тоа особено важи за поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Ова е цинична игра за власт која се игра на грбот на граѓаните на Македонија. Тоа е апсолутно неприфатливо и ги охрабрувам сите одговорни, сега конечно повторно да ги почитува минималните стандарди на демократија и правна држава.

Македонскиот претседател Иванов вчера отстапи од своите претходни изјави и директно побара поголемо американско инволвирање во кризата. Дали сметате дека ваквиот развој на ситуацијата е пресвртна точка во кризата и дали очекувате раководството на ВМРО-ДПМНЕ да дозволи формирање нова влада?

Пред сѐ, благодарен сум им на САД што ѝ даваат поддршка на Европската Унија и нејзините членки во тоа сега да се испратат јасни сигнали за демократија и правна држава. Жално е што вакви сигнали од САД и ЕУ се неопходни, што избрани политичари во Македонија не се подготвени и немаат волја да се држат до демократските правила на игра. Поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во парламентот. Таму има мнозинство за друг кандидат. Сега конечно мора да се овозможи формирање нова влада. Претседателот на државата Иванов мора да постапи согласно својата уставна одговорност. Циничната игра за власт е спротивна на интересите на граѓаните. Господинот Груевски го потроши сиот кредит. Македонија, која некогаш беше пример за приближување кон ЕУ, од таа цел се оддалечува секојдневно. Довербата градена со години се прокоцкува. Со тоа им се нанесува голема штета на преговорите за приклучување кон ЕУ.

Еден од главните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ и Иванов е опасноста од т.н. Тиранска платформа, на која тие гледаат како на основа за идно формирање на Голема Албанија или за федерализација на Македонија. Некои од политичарите во регионот, на пример во Србија, се чини како да го поддржуваат таквиот став. Ги делите ли Вие ваквите стравови?

Ние ги прифаќаме и почитуваме изборите и изборниот резултат. Врз основа на ваквата одлука на македонските граѓани сега мора да се состави мнозинство. Мнозинство веќе постои.  Тоа можеби на некои раководни луѓе во регионот, особено во Скопје, не им се допаѓа, но неприфатливо е преку противуставни блокади, со поддршка од страна на националистичка толпа, да се спречува демократски избор. Тоа е сосема недостојно за една демократија, особено за демократија која сака да стане членка на ЕУ. Опасноста која наводно произлегува од платформата, на што тие алудираат, е само изговор за да се спречи промена на власта. Целите на платформата за други македонски институции, како Уставниот суд, не се обврзувачки. И ВМРО-ДПМНЕ преговараше со ДУИ врз основа на оваа платформа! 

Mazedonien Wahlen 27.04.2014
Се заканува неуспех поради една политичка елита која дејствува сосема неодговорно, вели РотФотографија: Reuters

Слушнавме многу остри изјави од различни позиции во ЕУ и од Германија во врска со кризата во Македонија, но досега нема конкретни мерки. Кога може да се очекуваат повеќе специфични или конкретни чекори кои можат да помогнат во оваа криза?

Иднината на Македонија пред сѐ е во рацете на Македонците. ЕУ им дава поддршка на оние кои го поддржуваат и активно следат македонскиот пат кон повеќе демократија, правна држава, борба против корупцијата. Но, не можеме ние да ја носиме одлуката за иднината на земјата која треба да ја донесат одговорните. Ние можеме да разговараме со политичките актери и да им укажеме какви последици има нивното однесување за македонската европерспектива. Во процесот на приближување кон ЕУ имаме низа лостови и стимули. Нив можеме и ќе ги употребиме. Пред сѐ на македонските граѓани постојано да им повторуваме: не ја губете надежта, верувајте и натаму во заедничките европски вредности и за демократските правила борете се со цивилни и со средства на правната држава. Во моментов во Македонија не е волјата на населението она што недостасува, туку се заканува неуспех поради една политичка елита која дејствува сосема неодговорно и која со тоа се заканува да ја прокоцка добрата иднина на Македонија. Тоа е навистина нечуено! Затоа ние треба да зборуваме јасно и да дејствуваме консеквентно. ЕУ во овој случај зборува со еден глас. Тоа важи и во однос на европските инструменти кои ни се на располагање. Уште еднаш велам: оној кој ги почитува демократските правила и придонесува за тоа во оваа земја да се почитуваат европските вредности, тој може да смета секогаш со значителна поддршка од страна на ЕУ и нејзините членки, особено на Германија.

Михаел Рот е државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи.