1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во жестока битка за Охрид

Милчо Јованоски8 март 2013

Жестокиот почеток на кампањата за локалните избори во Охрид не е новост, туку веќе видено правило за изборна неизвесност до крај. СДСМ сака по трет пат да остане на власт, а ВМРО- ДПМНЕ конечно да го освои и Охрид.

https://p.dw.com/p/17tKV
Фотографија: Fotolia/Image Source IS2

Партиските машинерии во Охрид се одамна во погон. Двете децении плурализам покажуваат дека Охрид бил и е целосно поделен меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, а останатите партии порано или подоцна се приклонуваат кон едните или другите. По традиција ВМРО- ДПМНЕ со коалицијата кампањата ја почна од Охрид, а ден потоа промотивен митинг одржа и СДСМ со коалицијата. Жестокоста во вокабуларот на партиските лидери Никола Груевски и Бранко Црвенкоски од говорниците се сигнал дека и на едните и на другите победата во Охрид ќе им значи многу, а трката ќе е неизвесна до крај.

Потребни се промени за Охрид со кој во иднина ќе се гордееме

„Сведоци сме дека Охрид последниве неколку години доживува девастација и деградација по сите основи од општествено живеење. Но за да ја планираме сопствената иднина и творештво, како и иднината на генерациите коишто доаѓаат потребна е промена. Според статистиките кои ги добивам Охрид е град со најголем процент иселени луѓе. Тоа е знак дека граѓаните не се задоволни од квалитетот на животот во градот. Мојот главен мотив е преку оваа кандидатура, на свој начин да се обидам да се промени свеста на луѓето и заедно со тимот, институциите и Владата да го промениме се она што не чинело во минатото. Да градиме град со кој во иднина ќе се гордееме“, вели угледниот кардиолог Никола Бакрачески, со кого ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, очекуваат дека конечно ќе го освојат Охрид. Дел охриѓани во него гледаат спас, како што велат, од урбаната мафија, корумпираноста и неажурната локална власт.

Aleksandar Petreski
Александар ПетрескиФотографија: Milco Jovanoski

Петрески бара трет мандат за да го оствари ветеното

Александар Петрески, сообраќаен инженер по професија, 8 години е градоначалник и вели дека ќе стори се’ партијата и коалицијата која го поддржува и натаму да е на власт.

„Двата мандати ми минаа во опструкција од централната власт. Не успеав да ги реализирам ветените проекти кои реално можев да ги сработам, а не се наменети само за еден дел од граѓаните, туку за сите. Но Владата на чело со Груевски не мисли така. Тие искрено тоа го најавија уште пред 4 години кога рекоа дека ако сакате во Охрид да се реализираат проекти гласајте за нашиот кандидат. И реално тоа го сторија, се’ што можеа стопираа, ставаа сопки“. Петрески се жали на задоцнетото враќање на државното земјиште и фактот дека 35 урбанистички планови без кои не може да се гради чекале на потпис во ресорното министерство. „Сите општини можат да се задолжуваат и државата секој месец по два – три пати да зема кредити, а нашето барање за враќање на старите долгови на општината преку кредит и избегнување на големи камати 2 години стои во фиоката на вицепремиерот Ставрески“, вели Петрески.

Бакрачески: Со мојот избор Охрид брзо ќе напредува

„Мислам дека за секој иден градоначалник во Охрид е многу полесно да ги реализира своите заложби и проекти доколку и централната власт припаѓа на иста политичка провиненција. Веројатно тоа не така само кај нас, туку и во светот. Но многу работи ќе зависат од знаењето, искуството, ентузијазмот и посветеноста на градоначалникот и тимот. Добив ветување од премиерот Груевски дека се’ она што се прави во Скопје, булевари, сообраќајници, објекти и развој на јавни претпријатија двојно ќе биде поддржано во Охрид.Тоа беше еден од условите да влезам во изборната трка. Зашто за многу мои визии и проекти не ќе е доволен само локалниот буџет“, вели Бакрачески.

„Градежната мафијата и корупцијата власта нека ја бара во проектот „Скопје – 2014“. Во Охрид се гради според барањата на граѓаните на кои централната власт им ги врати имотите. Ниеден план не се реализира без потпис на дузина министерства“, одговара Петрески. Тој тврди дека не ги кочел проектите на Владата ги посочи примерите со Плаошник и најавите за инвестициите на Субрата Рој, туку бара да се слушне и гласот на експертите по тие прашања. Според него преку освојувањето на Охрид власта сака да си отвори нова можност за перење пари. Идејата за туристичките развојни зони ја смета погубна за граѓаните и ја споредува со национализацијата на земјиштето спроведена во 1946 –та за време на комунизмот.

Leon Bakraceski
Никола БакраческиФотографија: Milco Jovanoski

За партиите важно е мнозинството во идниот Совет на општината

„Мојот против кандидат нема ниту една капитална инвестиција со која може да се пофали, општината тоне во долгови а граѓаните се незадоволни. Мојата програма за развој на Охрид е целосно дефинирана и со приоритети и извори на финансирање. Имам визија и потребна ми е довербата на граѓаните“, вели Бакрачески . Петрески е уверен дека работел во интерес на граѓаните и дека тие пак ќе гласаат за него. И двајцата противкандидати се надеваат на победа со голема разлика која се движи од две и пол до три илјади гласови. Во градоначалничката трка за Охрид има уште тројца кандидати : м-р Васил Ристески од СДУ , Александар Митревски од СДП и д-р Фетах Елмази од ДПА. Но во Охрид интересна е и борбата за доминација во идниот Совет на општината, каде има дури 12 листи. Водечките коалиции со став дека нивната листа е најдобрата понудена во историјата на Охрид. На обете има професионалци секој во својата област и луѓе без транзициски опашки. На Избирачкиот список во Охрид има 50.686 избирачи . Кој ќе ја менаџира општината ќе се знае за брзо. Граѓаните се сити од ветувања мед и млеко, сепак ќе излезат на избори по своја желба или од што мораат. Свесни дека во Охрид животот уште тече по партиски клуч.