1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сериозноста на ситуацијата ја натера ЕУ на акција

Бернд Ригерт2 март 2009

Европската унија во времето на криза се држи заедно и најави подготвеност да делува. Тоа е најважната порака којашто е испратена по вонредниот самит на ЕУ кој се одржа во Брисел.

https://p.dw.com/p/H462
Фотографија: DW

Финансиската и економската криза се шири со молскавична брзина. Од неа научивме едно. Политичките принципи, коишто пред неколку недели се чинеше дека се безусловни, денеска повеќе не важат. Притоа никој не може точно да предвиди, што ќе биде потребно да се преземе наредните недели, за да се избегне катастрофа. Тоа може да важи и за јасното „не“ за програма за спас на длабоко погодените економии во Источна Европа. Германската канцеларка, Ангела Меркел и чешкиот премиер, Мирек Тополанек, кој претседава со ЕУ, се против заеднички финансиски инјекции за Унгарија, Летонија, Романија, Бугарија и останатите. Дали унгарскиот премиер, Ференц Ѓурчан ја претставува ситуацијата премногу црно кога бара помош од 190 милијарди евра за источноевропските членки на ЕУ? Или навистина за неколку недели на некои земји членки на ЕУ ќе им се закани банкрот, бидејќи за нив е прескапо да позајмат пари на финансиските пазари? Во декември, многу источноевропски земји не пријавија финансиска криза. Сега се пред пропаст.

Развојот на настаните е брз: уште сега има знаци дека финансиската криза може да биде опасна и за заедничката валута, еврото, којашто важи во 16 земји членки. Ирска, Грција, Шпанија и Италија имаат се’ поголеми проблеми околу тоа како да се ослободат од државните позајмици. Еврото е веќе под притисок на девизните пазари. Претседателите на држави и влади на ЕУ на вонредниот самит не успеаа да пронајдат одговор на овие закани.

EU Gipfel in Berlin
Меркел, Браун, Саркози и БерлускониФотографија: AP

Едногласно против протекционизмот

Европските лидери беа едногласни против протекционизмот. Внатрешниот пазар мора да функционира и понатаму. Не смее да има поединечни национални интервенции. Тоа е добро, бидејќи без функционален внатрешен пазар, ЕУ во сегашната тешка економска состојба брзо ќе дојдеше до крајот. Европските земји се едногласни дека банките треба построго да се регулираат и набљудуваат. Спасувачките пакети и конјунктурните програми треба меѓусебно да бидат координирани. Меѓу другото треба да се воведат единствени мерки. Државните задолжувања, и покрај скапите финансиски пакети, треба да се задржат под контрола. Само пред неколку месеци согласност по ова прашање беше нешто незамисливо. Но, сериозноста на ситуацијата ги натера Европејците на акција.

Сега станува збор за тоа, Европејците да настапат одлучно на претстојниот самит на групата дваесет најважни економски сили, кој ќе се одржи во Лондон на 2 април. Спонтаниот вонреден самит во Брисел покажа дека малите членки на ЕУ не сакаат да бидат онеправдани во однос на поголемите. Тоа беше еден вид против манифестација на подготвителната средба за самитот на Г20 што минатата недела во Берлин ја одржаа поголемите европски земји. Се разбира, сега не е време за меѓусебни кавги меѓу членките во ЕУ. Оваа криза е премногу сериозна, за да може да си дозволат такво нешто.