1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СИПРИ: атомското оружје намалено, опасноста расте

Натали Аликс Мулер/ Ж.А15 јуни 2015

Државите-нуклеарни сили моментно инвестираат многу пари во модернизирање на атомското оружје. СИПРИ во годишниот извештај предупредува од последиците на украинската криза и потенцијална трка во вооружување во Азија.

https://p.dw.com/p/1FhFT
Фотографија: Reuters/Host Photo Agency/RIA Novosti

Бројот на атомските боеви глави се намалува, но на светот без атомско оружје, кој го скицираше американскиот претседател Барак Обама при стапувањето на функцијата, ќе треба уште долго да се чека. До овој заклучок доаѓа годишниот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм, СИПРИ, кој детално ги набројува инвестициите и модернизирањето на арсеналот.

„Во пракса констатираме редуциран, но модернизиран нуклеарен арсенал на оружје“, вели водечкиот експерт од СИПРИ, Шенон Кајл во интервју за Дојче веле.

До почетокот на 2015 година, според извештајот на СИПРИ, се проценува дека има 15.850 парчиња атомско оружје во девет држави-нуклеарни сили: САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, што е 500 боеви глави помалку отколку што реномираниот шведски институт проценил за 2014 година.

Намалувањето се однесува првенствено на двете најголеми атомски сили, Русија и САД. Двете земји го отстранија застареното атомско оружје и масивно ги намалија залихите од времето на Студената војна. Истовремено, кај поранешните супер-сили се во тек скапи инвестициони програми со цел модернизирање на нуклеарните носечки системи и боевите глави.

Infografik Stand der Atomwaffenarsenale weltweit 2015 Deutsch
Карта на атомското оружје во светот

Почетоци на трка во вооружување?

Растечката воена сила Кина исто така вложува огромни пари во подновувањето на своето нуклеарно оружје. Според наводите на СИПРИ, лани бројот на кинеско оружје од 250 пораснал на 260 боеви глави.

Кајл препознава уште позагрижувачки трнед во Јужна Азија, каде Индија и Пакистан вршат надградба на арсеналот на атомско оружје. Двата ривала ја зголемија својата способност за производство материјал потребен за нуклеарно оружје, така што големината на нивните арсенали во „идните 10 до 15 години може да биде удвоена или тројно покачена.“ Ваквиот развој од една страна го зголемува стравот од повторна трка во вооружување во регионот, а од друга страна ја зголемува опасноста од употреба на атомски боеви глави во воените конфликти во Азија.

„Не станува збор само за натпреварот во вооружување меѓу Индија и Пакистан“, анализира Оливер Мајер, експерт од берлинската фондација Наука и политика. „И Кина е дел од алката, така што овде постои троен натпревар во вооружување. Тоа е нешто со што досега не се среќававме.“

Освен тоа, Индија и Пакистан досега го немаат потпишано Атомскиот договор, чија најважна цел е атомското разоружување. Тоа е уште една причина поради која што меѓународната заедница треба да го зголеми притисокот врз овие земји, со цел да започне „дијалог околу градењето доверба во однос на атомското оружје и овозможување на поголема транспарентност во однос на постојниот фонд .“

Русија и Западот

Покрај регионалните последици од трка во вооружување во Јужна Азија, безбедносните експерти од СИПРИ се преокупирани и со последиците на украинската криза. Руската анексија на Крим во август 2014 година и востанието на сепаратистите кое следеше во Источна Украина толку силно ги оптовари односите меѓу Москва и Западот, како никогаш досега по крајот на Студената војна.

„Кризата во Украина сигурно ќе има ефекти и врз атомската политика на Москва“, предвидува Мајер. „Русија повторно му дава поголемо значење на атомското оружје, меѓу другото и на она со краток дострел, стационирано во Европа.“

На почетокот од оваа година рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во време на украинската криза бил подготвен за употреба на атомско оружје заради спроведување на анексијата на Кримскиот Полуостров и со тоа провоцираше лутина кај НАТО. Русија и САД минатите години секогаш одново меѓусебно се обвинуваа за кршење на договорите за контрола во вооружувањето.

Според научниците од СИПРИ, Русија од почетокот на 2014 година ги намалила залихите од атомски боеви глави од 8.000 на 7500, а САД во истиот временски период извршиле намалување од 7.300 на 7.260. Во годишниот извештај меѓутоа се укажува на забавувањето на темпото на разградувањето на атомскиот арсенал.

„Искрено речено, изгледите за идни редуцирања не се розови“, вели Шенон Кајл од СИПРИ: „Ако воопшто нешто се случи, ќе бидеме сведоци на нови стацкионирања на атомско оружје со среден дострел и големина во Европа.“ #bbig

Поуки од украинската криза

Џорџо Франческони од хесенската фондација Истражување на мирот и конфликтите од Франкфурт, во украинската криза гледа една можна уште подолгорочна последица по неширењето на атомското оружје, укажувајќи на историјата по растурањето на Советскиот сојуз. Тогаш Киев, во замена за безбедносни гаранции од страна на Русија, САД и Велика Британија, реши своето атомско оружје од околу 4.000 боеви глави да и‘ го отстапи на Москва. „Текот на украинската криза сега е страшна порака до сите држави кои се пред одлука дали да се вооружуваат со атомско оружје или не.“

Нуклеарниот експерт во овој контекст потсетува и на Иран. Земјата моментно преговара околу својата атомска програма со Франција, Германија, Велика Британија, Кина, Русија и САД.

„Значи, што треба сега да мисли иранското раководство? Украина во 1994 година беше трета по големина атомска сила во светот. Потоа Киев своето оружје и‘ го предаде на Русија. А денес? Гледајте во каква ситуација се наоѓа земјата...“