1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириски бегалец прави кариера во Албанија

Ралф Борхард/сн1 април 2016

„Никогаш во животот не би помислил дека ќе завршам во Албанија, но сега сум среќен, добро е тука, има работа и пари“, вели бегалецот од Сирија Самер Дарвиш, сега успешен бизнисмен во Тирана.

https://p.dw.com/p/1IM2F
Фотографија: picture alliance/dpa

Самер Дарвиш избегал од разурнатиот од војната сириски град Алеп и преку балканската рута стигнал до Унгарија, но тогаш неговата судбина доживеа неочекуван пресврт. Веќе со месеци 35-годишниот Самер живее во главниот град на Албанија, Тирана - и е воодушевен. Тој основа претпријатие за секонд-хенд облека и во меѓувреме управува со повеќе продавници со домашни вработени.

Самер Дарвиш е видно горд. Пристигна во Мерцедес- половен Мерцедес во Албанија е важен статусен симбол. Добро облечениот и исончан Сиријец сега ја покажува својата продавница, односно подобро кажано - седиштето на фирмата. Зградата е свежо реновирана, со стаклена фасада кон улицата, на која со големи букви стои неговото презиме: Дарвиш, а под него на албански: половна облека. Со неа човекот од Алеп веќе четири месеци во Тирана заработува пари. Како што вели - добри пари.

„Не беше тешко тука да се отвори продавница, зашто Албанија им нуди добри услови на странските инвеститори. Ги кани да инвестираат, наместо да поставува бирократски пречки. И пред сѐ: тука има доболно работа и пари“, раскажува Самер.

Порано во Сирија тој тргувал со автомобили, пред сѐ половни возила, а сега со половна облека. Но неговиот пат до успешен бизнисмен во Албанија е долг и необичен.

Flüchtlinge Grenze Ungarn
Фотографија: picture alliance/AA/A. Kurucz

На крајот на 2014 година тој избегал од неговиот роден град Алеп, и како и десетици илјади други бегалци од војната прво стигнал во Турција, па со криумчарски брод до Грција и натаму по Балканската рута до Унгарија. Таму поднесол барање за азил, пред неговата сестра, која со семејството останала заглавена во Албанија, да го наведе на идејата да тргне кон Тирана. Бизнис идејата 35-годишниот Сиријец ја донесол од Унгарија. Од таму, имено, тој увезува тони половна облека, ја пере, ја пегла, за на крајот во предградието на Тирана да им ја продава на благодарните муштерии. 26-годишниот Фатјон е еден од албанските вработени на Самер Дарвиш.

„Овде работам од 1. декември. И се чувствувам многу пријатно. Работата е добра, нашите цени се пониски отколку во другите продавници за облека. Ние сме горди на него, на нашиот шеф“, вели Фатјон.

И 23-годишната Ана е задоволна што нашла работа кај Самер Дарвиш. Невработеноста е висока во Албанија и пред сѐ за луѓето од селата од северот, кои се населиле во населбата Алиас-Бабру, секонд-хенд облеката е често единственото достапно нешто.

Во меѓувреме Самер Дарвиш веќе отвори уште четири помали продавници во центарот на Тирана, а размислува да се прошири и во другите градови во Албанија. Само со јазикот уште има проблем, и најдобро се чувствува кога говори на мајчиниот арапски јазик. Но запрашан,како севкупно по четири месеци му се допаѓа Тирана како град, со насмевка и „половен“ албански вели: „Да многу добро. Тирана е многу добра, младите кои работат тука, значи сѐ комплетно е добро.“

А, ако војната во Сирија некогаш заврши, дали тогаш ќе се врати таму?

„Гледам дека работата тука добро тече и затоа ќе останам во Албанија. Ќе поттикнам и други да инвестираат тука. Како што реков: тука има работа и пари“.