1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сиромавиот милионер“ богат со Оскари

Себастијан Шуберт23 февруари 2009

Американската филмска академија синоќа (22.02.2009) во Лос Анџелес по 81-ви пат ги додели престижните филмски награди „Оскар“. Многу ѕвезди продефилириаа по црвениот тепих. Дел од фаворитите останаа со празни раце.

https://p.dw.com/p/GzSV
Екипата на филмот „Сиромавиот милионер“Фотографија: AP

Оскарот за најдобар филм во минатата година му припадна на „Сиромавиот милионер“. Од вкупно десет номинации, филмот на британскиот режисер, Дени Бојл освои вкупно осум Оскари меѓу кои и оној за најдобра режија.

Победничкиот филм е приказна за едно младо момче од индискиот град Бомбај, кое израснало во сиромашните сламови и се наоѓа пред освојување на огромна награда на телевизиски квиз. Филмот ја прикажува неговата животна приказна, од раѓањето па се до моментот кога стои во студиото.

Оскарот за најдобра машка улога му припадна на американскиот актер Шон Пен, за улогата во филмот „Милк“, каде глуми политичар хомосексуалец. Во конкуренција за овој оскар беа и Бред Пит, Френк Лангела, Мики Рурк и Ричард Џенкинс.
Актерката Кејт Винслет годинава го доби првиот Оскар во кариерата. Американската филмска награда за најдобра женска улога ја освои за улогата во филмот „Читачот“.

Oscars 2009
Кејт Винслет, Шон Пен и Пенелопе Круз се закитија со ОскариФотографија: AP

„Долго се подготвував за овој момент. Уште како малечка се вежбав пред огледало во купатилото како еден ден ќе се заблагодарувам кога ќе добијам Оскар. Тогаш во рацете држев шише од шампон. Сега држам нешто друго“, рече видно возбудената Кејт. Останатите претенденти во оваа категорија беа младата актерка Ен Хатавех, ветеранката Мерил Стрип, Анџелина Џоли и малку познатата Мелиса Лео.

Постхумно Оскар и за Хит Леџер

На трагично починатиот австралиски актер Хит Леџер, постхумно му беше доделена наградата Оскар за најдобра машка споредна улога. Златната статуетка ќе и‘ биде предадена на неговата сега тригодишна ќерка Матилда, но кога ќе наполни 18 години. Оскарот за најдобра споредна женска улога, годинава отиде во рацете на шпанската актерка Пенелопе Круз за фимот „Љубов во Барселона“. Ова е прв нејзин Оскар.

Златната статуетка за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје отиде во рацете на јапонскиот филм „Заминувања“. Во оваа конкуренција беа и германскиот филм „Баадер Мајнхоф комплекс“, францускиот „Одделение“, израелскиот „Валцер со Башир“ и австрискиот „Одмазда“.

Оскар доби и Германија. Режисерот Јохен Александар Фрејданк ја доби златната статуетка за краткометражниот филм „Земја на играчките“.