1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот со диоксин добива криминални размери

7 јануари 2011

Индустриските масти кои содржат канцерогена супстанца диоксин биле преработувани во сточна храна многу подолго отколку што се мислеше. Во меѓувреме, затворени се над 4700 живинарски и фарми за свињи во Германија.

https://p.dw.com/p/zuk5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Уште во месец март минатата година приватна лабораторија констатирала зголемени вредности на диоксин во мастите кои се користат при призводството на храна за животните при контрола кај фирмата „Харлес и Јенч“, потврди портпарол на покраинското министерство за земјоделство од Шлезвиг Холштајн.

Вредностите на диоксинот биле двојно поголеми од максимално дозволените. Мастите не смееле да бидат употребувани, иако доаѓа до разредување при производството на сточната храна. Надлежните служби биле информирани дури на крајот на декември за случајот.

Dioxin / Labor / Chemie / Futtermittel
Хемиските анализи не стигнале до надлежните службиФотографија: dapd

Сојузната министерка за земјоделство Илзе Аигнер за агенцијата ДПА изјави: „Ако се потврди сомневањето дека одговорната фирма со месеци знаела за постоењето на диоксинот и не ги известила за тоа надлежните власти, тоа претставува криминал и е крајно неодговорно“. Фирмата не сака да дава изјави поради истрагата која е во тек. Германската министерка за земјоделство в понеделник (10.01) за скандалот со затруена сточна храна ќе организира кризна средба со претставници на производителите на сточна и фармерите во Берлин.

Во Германија поради скандалот со диоксин се затворени превентивно повеќе од 4700 фарми, пред се’ за одгледување свињи, најголемиот дел во покраината Долна Саксонија. Здружението на фармерите бара формирање фонд за надомест на штетите во милионски износи.

Автор: ЖА/СН/дпа/ртре

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска