Слики од Косово
Новородена
Споменикот „Новородена“ во центарот на Приштина беше откриен на 17 февруари 2008 година. Пред една година Косово прогласи независност. Досега државата е призната од 55, пред се‘ западни земји.
Борец за независност
Денес херојот на мирната броба за независност бдее над Косоварите. Ибрахим Ругова, кој почина пред две години, беше првиот претседател на Косово. Тој една деценија безуспешно преговараше за независност од Белград.
УНМИК
По војната во 1999 година, со Косово управува мисијата на ОН - УНМИК. Незадоволството на населението од меѓународната преодна управа, од година во година стануваше се‘ поголемо. Политички ангажираните уметници кои пишуваат графити, напишале „УНМИКолонијалисти“. Мисијата на ОН денес функционира само на хартија.
Бесперспективност
Аеродромот во Приштина е едно од малкуте успешни претпријатија на Косово. Инаку, 45% од младото население на Косово, од кое половината се млади под 25 годишна возраст, е невработено. Просечната заработувачка изнесува 230 евра месечно. Поголемиот дел од луѓето живеат од парите што им ги испраќаат роднините кои работат во странство.
ЕУЛЕКС
Независноста на Косово предизвика поделеност во меѓународните односи. Во Советот за безбедност на ОН, Русија го блокираше повлекувањето на УНМИК и ги предупреди ЕУ и САД дека е можен „опасен посебен случај“. Поради српскиот отпор на независноста на Косово, кој има поддршка и од Русија, Косово не може да стане членка на ОН и ОБСЕ. ЕУ донесе одлука за своја мисија на Косово. Но, до моментот кога мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС (мисија со 1 900 експерти, меѓу кои полицајци, судии, адвокати и експерти за правосудство) беше подготвена да стартува, мина речиси цела година.
Место на поделба
Главниот мост во Митровица повеќе ги дели двата дела на градот, отколку што ги поврзува. На северниот брег на реката живеат околу 25 000 Срби. На мостот што е под присмотра на полициски сили, досега доаѓаше често до масовни тепачки и престрелки меѓу Албанците и Србите.
Соседи или непријатели?
Границата кон Србија минува попречно преку клисурата на Ибар. Со своите 11 000 квадратни километри Косово е седумпати помало од Србија, која сега пред Меѓународниот суд на правдата се обидува да го оспори неговото право врз територијата.
Рај за шверцерите
Граничниот премин Јариње, на косовска страна, беше запален од српски демонстранти кои протестираа против прогласената независност на Косово. Од пред неколку недели, контролата на преминот ја презеде европската мисија ЕУЛЕКС, но таму ништо не се царини. Мултиетничкиот шверц цути: Косово се смета за европски крстопат за трговијата со луѓе, проституцијата, како и шверц со оружје и дрога.
Излет во енклава
На три часа возење јужно, на границата со Македонија, се издига Шар планина. Зимскиот спортски центар Брезовица е омилено место за излети на косовските политичари за време на викендите. Тој се наоѓа во енклавата Штрпце, во која живеат речиси исклучиво Срби.
Призрен
Во подножјето на Шар планина се наоѓа гратчето Призрен, познато по неговите идилични сокачиња. Местото каде што се родило албанското национално движење на крајот на 19 век, го доживеало својот процут уште во времето на Османлиското царство. Околу 20% од речиси 180-те илјади жители на Призрен, денес се Турци или Бошњаци.
Секојдневна турканица
Главниот град Приштина, во меѓувреме, според проценките има половина милион жители и „пука по сите шавови“. За секојдневите турканици и колони на улиците соодговорни се и двете илјади членови на мисијата на ЕУ и 15-те илјади војници на КФОР.
Либерален ислам
И покрај се‘, и овде има мирни места. Малата џамија среде продавниците е сведок за либералното практицирање на исламот, онака како што се практицира на Балканот со векови. Меѓу Албанците, меѓутоа, има и малцинство на католички и православни христијани.