1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

271010 EU-Gipfel VB

28 октомври 2010

Во Брисел се одржува самит на ЕУ, на кој се дискутира за реформи во Пакетот за стабилност. Меѓутоа, помалите земји-членки стравуваат дека Германија и Франција веќе се договориле околу промените, без нивна согласност.

https://p.dw.com/p/Pr01
Битно Меркел и Саркози се договоријаФотографија: AP

Минатата пролет ЕУ имаше големи проблеми со државните долгови на одредени земји-членки. Тогаш на виделина излегоа слабостите на европската монетарна унија. Затоа денеска и утре (28. и 29.10.) во Брисел се одржува самит на ЕУ, на кој треба да се дискутира за реформи во Пактот за стабилност. Притоа, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози имаат сопствени претстави за промените на проблематичните точки, што предизвика големи негодувања кај останатите европски партнери.

Многу европски политичари и комесари на ЕУ веќе не можат да сфатат што се случува околу нив. Германската канцеларка Ангела Меркел прво цврсто застана зад предлогот на комесарот за монетарни прашања, Оли Рен, државите со преголем државен дефицит автоматски да се казнуваат, за потоа да го смени ставот за 360 степени. Со францускиот претседател Никола Саркози во местото Довил се договорија дека на „грешниците“ во ЕУ, сепак, треба да им се остави простор да си ги решат финансиските проблеми. Ги Ферхофштат е шеф на пратеничката група на либералите во Европскиот парламент:

„Се губи полуавтоматскиот карактер на предлогот што го даде ЕК и за мене тоа е сосема неразбирливо, особено ставот на Германците. Десет месеци бараа строги казни, а сега го прават токму спротивното“, вели Ферхофштат.

Нереална цел

Portugal EU Vertrag von Lissabon Unterzeichnung
Никој во ЕУ не сака одново да минува низ процесот на ратификација на европскиот УставФотографија: picture-alliance/ dpa

Претставниците на помалите членки на ЕУ се жалат поради тоа што имаат чувство дека двете големи европски сили решаваат за нивната судбина, без воопшто да ги консултираат. Шефот на пратеничката група на социјалистите, Мартин Шулц, смета дека договорот од Довил меѓу Меркел и Саркози оди на штета на претседателот на Европскиот совет, Херман Ван Ромпој:

„Се прашувам кога господинот Ван Ромпој ќе повлече консеквенци? Добива задача да ги опише реформите што се потребни, меѓутоа пред воопшто да каже нешто, дуетот Меркел-Саркози вели ’а, не, ние веќе се` решивме’.“

Критиката е упатена и кон подготвеноста на Франција да застане зад германскиот предлог за промени во Уставот на ЕУ. Тој предвидува одземање на правото на глас во Европскиот совет на оние земји, чии буџетски дефицити значително ги надминуваат дозволените граници. Освен тоа, се работи и за иднината на пакетот мерки за спас за земјите на работ на банкрот, кој истекува во 2013 година. Иако некои од земјите-членки се согласуваат по едно или по друго прашање, промени во договорот на ЕУ за повеќето од нив е неизводлива цел. Во средината на цела дебата, претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо ги повика сите засегнати страни да не забораваат на крајната цел што треба да произлезе од самитот:

„Да бидам јасен, исходот мора навистина да се разликува од ситуацијата во која се наоѓаме сега. Мораме да им покажеме на нашите граѓани дека ЕУ ги научи сите лекции од кризата“, рече првиот човек на ЕК.

Меѓутоа, повикот од Барозо нема да ги смири страстите на самитот во Брисел. Таму се заканува жестока дебата по клучното прашање: треба или не треба да се менува Уставот на ЕУ? Германската влада инсистира на тоа, и дури се закани, дека нема да ги прифати предлозите на работната група на Ван Ромпој, што предвидува воведување построги финансиски правила, меѓутоа надвор од Договорот за ЕУ. За промени во Уставот потребна е согласноста од сите 27 земји-членки. А, во моментов, тоа изгледа многу, многу нереално.

Автор: Кристоф Хазелбах / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска