1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот со Грција не е закана за безбедноста на Македонија

Жана Ацеска7 февруари 2009

Интервју со македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој учествува на Конференцијата за безбедност во Минхен во делегацијата што ја предводи премиерот Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/GpBy
Антонио МилошоскиФотографија: AP

Дали спорот со Грција ја загрозува безбедноста на Македонија, со оглед на тоа што поради нејзиното вето земјата не доби покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт, а истото се пресликува и за приемот во ЕУ?

Милошоски: спорот меѓу Македонија и Грција, кој е наметнат од страна на Атина, нема безбедносни компоненти, тоа е политички спор произлезен пред се‘ од одредени недостатоци на грчката политика и општество, поврзани со нивните малцински прашања, поврзани со нивната перцепција за геополитиката во регионот и секако од време на време се користи и за дефокусирање на грчката домашна јавност од нивните афери. Во секој случај овој спор има своја рамка со посредништво на ОН, потоа Времената спогодба, која е клучен документ за односите меѓу Македонија и Грција и во тој контетст е и нашата апликација до Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг за заштита на членот 11.

Поради признавањето на независноста на Косово Македонија имаше проблеми со Србија. Дали Косово претставува фактор кој може да генерира нестабилност во регионот?

Милошоски: Одредени мали ризици се‘ уште постојат, мора да бидеме искрени, но сепак сметам дека развојот на прашањето поврзано со Косово се одвива подобро отколку што некои песимисти тоа го очекуваа пред две или три години, кога тоа беше најактуелно. Македонија со својот пристап да има директни и рамноправни односи и со Приштина и со Белград, да има отворена соработка, не само политичка, но и трговска и безбедносна, сметам дека го дава својот придонес за тој прогресивен регионален развој. Стоиме на располагање да помогнеме во градењето на некои институции таму. Независноста на Косово Македонија ја гледа како обврска на Косово, повеќе обврска отколку привилегија, бидејќи сега владата во Приштина е одговорна за секој развој на настаните на Косово и има задолжение да работи не само за подобрување на животот и потребите на нивните граѓани, туку исто така да превземе сериозна одговорност за соработка со сите соседи и да докаже на долгорочен план дека Косово ќе придонесе за стабилноста во целиот регион.

Македонскиот претседател Бранко Црвенковски ја обвини владата дека свесно ги блокира преговорите со Грција и го кочи пристапот кон НАТО и ЕУ. Тој смета дека Албанците во Македонија нема да сакаат да ја ризикуваат евроатлантската иднина поради битките околу античка Македонија. Кој е Вашиот став?

Милошоски: Евроатланската иднина на Македонија зависи од две работи, тоа се воспоставените критериуми и нивното исполнување, демократското однесување на избори, тука без разлика кој каде припаѓа, етнички или политички, треба да се почитува тој принцип и да се исполнат и запазат овие критериуми. Што се однесува до тезите на господинот Црвенковски, сметам дека тие се противречни со неговата изјава пред Букурешт, како и по самитот во април, кога кажа дека сторивме се‘ што можевме да сториме и исполнивме се‘ што требаше да се исполни за да станеме членка на НАТО. Тоа негово признание е противречно со тезите денес. Очигледно, неговите тези денеска се повеќе за политичка предизборна употреба, како на човек кој ќе се врати на чело на главната опозициона партија, но за жал ваквите тези сметам дека свесно или несвесно посочуваат на еден голем дел од неговата одговорност, односно неодговорност во изминатите 15 години откако тој е на политичката сцена, најчесто во добра позиција во Македонија.