1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Косово далеку од нормализација на односите

Марина Максимовиќ
24 март 2018

Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, со синоќешниот состанок во Брисел го потврдија големиот јаз во ставовите околу нормализирање на односите

https://p.dw.com/p/2uuIc
Brüssel, Hashim Thaci, Federica Mogherini, Aleksandar Vucic
Фотографија: Europäische Kommission

По вчерашниот, прв состанок годинава на највисоко политичко ниво во рамките на  дијалогот Белград-Приштина,  високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини како и претседателите на Србија и на Косово констатираа дека нема напредок во однос на примената на Бриселскиот договор.

Додека Могерини речиси по навика ја поздравува „посветеноста на двајцата претседатели за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово“, Бриселската спогодба, прва потпишана токму во таа цел, со години стои само делумно применета. За српскиот претседател вината за тоа ја сноси Приштина, но и ЕУ.

„Речиси 1800 дена шест главни точки од Бриселскиот договор не се ни допрени, а тоа не може да биде вина само на Албанците, потпис стави и ЕУ“, порача синоќа Вучиќ од Брисел. Тој е посебно револтиран од изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, чија порака дека „не стигнал да го проучи договорот за формирање Асоцијација на српски општини“, го нарече „навреда на здравиот разум и на Србија.“ 

Истовремено, Белград најавува дека „самостојно ќе формира Заедница на српски општини“ и отворено ќе се оглуши на забраната издадена од косовските власти во поглед на посетите на високорангирани српски функционери на српските енклави во Косово.

Kombo-Bild Kosovo Hashim Thaci und Serbien Aleksandar Vucic
Хашим Тачи и Александар Вучиќ засега единствени во неединствотоФотографија: picture-alliance/AA/EU Council

Колку се Србите и Албанците далеку од нормализација на односите?

Додека српската страна смета дека Албанците немаат намера да го исполнат ни она што е договорено во рамките на Дијалогот, косовскиот претседател верува во финализација на идниот договор за сѐопфатна нормализација на односите уште годинава. Хашим Тачи е оптимист, иако вели дека има уште многу да се направи на примена на веќе договореното.

„Верувам дека е можно постигнување на тој договор. Тоа ќе биде задача за мирот и стабилноста, во интерес на двете земји, а ќе биде и сигнал за почитта и ангажирањето и инвестициите кои ги вложи ЕУ во напредокот на двете земји“, рече Тачи. Според него, со сѐопфатна нормализација на односите во добивка ќе бидат двете земји, а не во загуба. Но, она за што ни Тачи, ни Вучиќ, ниту посредниците од ЕУ не сакаат да зборуваат се конкретни предлози за изгледот на тој, во моментов речиси неможен договор за целосна нормализација. ЕУ вели дека е рано да се зборува за тоа, но за содржината треба да се усогласат двете страни. За Приштина конечен договор значи признавање на Косово или за почеток, негово место во ОН. Србија уште води внатрешен дијалог околу идните односи со Косово. „Маневарскиот простор ни е мал, но нема да признаеме независност на Косово“, изјави Вучиќ по разговорите во Брисел.  

Вучиќ ќе мора да ја „голтне жабата“ за Косово

ЕУ му дава 14 домашни задачи на Балканот

Западен Балкан: Еден по еден или заедно во ЕУ?

Без цврсти темели на Западен Балкан, нема стабилна европска куќа

Можеби поважно од самата формулација на договорот за сѐопфатна нормализација на односите меѓу Србија и Косово е прашањето какви ќе му бидат темелите. Ако тој се заснова на климавиот Бриселски договор, тешко ќе може да се нарече конечно и одржливо решение за вековните проблеми меѓу Србите и Албанците.

Покрај првенствено нефункционалноста за граѓаните на Србија и Косово, таков договор „по секоја цена“ би бил контрапродуктивен за целата ЕУ, која инвестира во мир и стабилност како на Западен Балкан, така и на цела Европа. Во ЕУ повторуваат дека „работите се јасни“ и се знае што да се преземе.

Новата Стратегија за проширување дава јасни рамки околу тоа кои чекори треба да бидат преземени за полна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и во која фаза на пристапот кон Унијата. Могерини повеќепати најави постигнување правно обврзувачки договор до крајот на нејзиниот мандат, односно до 2019. година. Сепак, само потпишување нема да биде доволно. ЕУ сака да се увери во функционалноста на спогодба меѓу Србија и Косово на терен. Тоа ќе биде услов пред сите услови како за конечна нормализација на односите на Србите и Албанците, така и за влез во ЕУ.