1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и САД свртеа нова страница во меѓусебните односи

20 мај 2009

Американскиот потпретседател Џозеф Бајден ја продолжува тридневната официјална посета на Балканот. Денеска (20.05.2009) е во Белград, а главната порака е дека САД сакаат да ги обноват односите со Србија.

https://p.dw.com/p/Hu84
Бајден во БелградФотографија: AP

Претседателот на Србија, Борис Тадиќ, и потпретседателот на САД, Џозеф Бајден, најпрвин разговараа во четири очи, а разговорот траеше подолго од предвиденото. Потоа разговорите продолжија во присуство на најблиските соработници на Тадиќ, меѓу кои и министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ, како и министерот за одбрана Драган Шутановац. На заедничката прес-конференција, на која не беа дозволени новинарски прашања, двајцата државници истакнаа дека разговорите биле отворени и продуктивни. Претседателот Тадиќ нагласи дека посетата е можност да се отвори нова страница во меѓусебните односи.

„Верувам дека со ова ќе се отвори нова етапа во формирањето на американската политика кон Србија и Западниот Балкан, политика која ќе им обрнува поголемо внимание на интересите на Србија, како централен фактор за стабилноста во целиот регион“, истакна Тадиќ.

Српскиот претседател укажа дека разговорите биле можност и за унапредување на економската соработка, но и дека неизбежна тема била независноста на Косово:

„Сакам уште еднаш да нагласам дека еднострано прогласената независност на јужната покраина за Србија претставува кршење на меѓународното право. Србија не ја признава независноста на Косово и никогаш нема да го стори тоа“, истакна Тадиќ.

Улогата на Србија во регионот е клучна

Uno Einsatzkräfte stürmten das Gerichtsgebäude in Mitrovica
САД ќе се заложат Србите на Косово да добијат најдобра можна заштитаФотографија: AP

Американскиот потпретседател Бајден, пак, од своја страна истакна дека регионот нема да успее, без целосната и конструктивна улога на Србија.

„Разговаравме за обновување на односите“, истакна Бајден и додаде дека САД не очекуваат Србија да го признае Косово, но дека тоа не треба да биде пречка за подобри односи и поддршка од Америка. „САД ќе се заложат Србите на Косово да ја добијат најдобрата можна заштита, но од Белград се бара соработка со ЕУ и со останатите меѓународни партнери.

Покрај другото, Бајден истакна дека САД силно ја поддржуваат Србија во нејзините напори за евроинтеграција и заклучи дека има голем простор за соработка меѓу САД и Србија.

Попладнево американскиот потпретседател се среќава со српскиот премиер, Мирко Цветковиќ, а вечер ќе присуствува на вечерата што ќе ја организира претседателот Тадиќ. Меѓу гостите ќе бидат и претставници на бизнис-круговите и на граѓанското општество.

Автор: Ивица Петровиќ / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска