1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија не треба да се „опушти“

26 октомври 2010

Одлуката на министрите за надворешни работи на ЕУ дека Србија може да продолжи кон Унијата е одлична вест, но одлуката не треба да ги залажува српските власти дека веќе нема препреки, оценуваат аналитичарите во Белград.

https://p.dw.com/p/PoEw
Фотографија: Marina Maksimovic

Одлуката на Советот на министри, како и придружното политичко објаснување, покажуваат дека пред Србија се‘ уште стојат бројни пречки на патот кон европската интеграција, вели за Дојче веле Јован Теокаревиќ, професор на Факултетот за политички науки и уредник на месечникот „Европски форум“. Тоа, пред се’, се однесува на комплетна соработка со Хаг, но и на односите со другите земји во регионот, нагласува Теокаревиќ:

„Кога би можеле да ја завршиме соработката со Хаг, да имаме некаков напредок во дијалогот со Косово во текот на следната година и да не ги бојкотираме регионалните состаноци на кои се појавува Косово, работата би се завршила на тоа. Тоа сигурно би ги охрабрило членките на ЕУ некаде во втората половина на наредната година најверојатно да бидат подготвени и расположени, како што беа сега да ја одобрат официјалната кандидатура за членство во ЕУ“, вели Теокаревиќ.

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild
Фотографија: AP/Montage DW

Хаг - европски изговор?

Србија јасно покажа дека сака да соработува со ЕУ околу Косово и тоа не би требало да претставува значајна пречка за продолжување на евроинтеграцијата, оценува за Дојче веле Огнен Прибичевиќ, соработник во Институтот за општествени науки, и поранешен амбасадор на Србија во Берлин. Хаг секако стои како обврска, но се стекнува впечаток дека зад хашкото прашање се крие некаков вид условување кое е контрапродуктивно, смета Прибичевиќ.

„За жал, ми се чини дека пред се’, во овој момент, се одразуваат проблемите со кои ЕУ се соочува во поглед на натамошното проширување, не само кога е во прашање Србија, туку и целосното проширување. И тука на некој начин се поставува Хаг, и секогаш одново се отвора, како најлесен изговор за стопирањето на натамошното проширување. Затоа, мислам дека Србија предолго чека на некои чекори од страна на ЕУ.“

Србија во овој момент на некој начин е жртва на лошиот тајминг, вели Огнен Прибичевиќ. Токму сега се гледа колку земјата ја чинеше режимот на Слободан Милошевиќ. Првата шанса за приближување кон Европа е пропуштена во текот на деведесетите години, и сега тоа пропуштено време, заради различни околности во самата ЕУ, ќе биде тешко да се надомести, смета Прибичевиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска