1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отвори се, Бела куќо

Ивица Петровиќ
19 јуни 2018

Половина милион долари ги отвораат вратите на Белата куќа - најнова иницијатива на српската дипломатија? Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ смета дека тие пари обезбедуваат пристап до Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/2zptK
Interview Ivica Dacic Innenminister Serbien
Фотографија: DW

Кога сѐ друго ќе пропадне, сети се како (попусто) да ги потрошиш парите од даночните обврзници - вака отприлика би можела да се опише најновата идеја на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Не дека министерот Дачиќ не проба сѐ што му стоеше на располагање: им пееше на високи претставници иако не знае да пее, зборуваше на англиски иако англиски не знае, му приоѓаше на Трамп од сѐ уште неразјаснети мотиви - некои велат заради автограм, а самиот Дачиќ тврди дека на американскиот претседател само му ги покажувал насловните страници на кои стои „Трампе Србине“!

Кога сите тие напори ги покри заборав, шефот на дипломатијата се сети на старото добро лобирање. Според неговите зборови, Србија би морала да издвои околу 500.000 долари за да ги отвори вратите на Белата куќа и да добие прилика на средба со американскиот претседател да се избори за своите интереси околу Косово.

Рака на срце, иако српските медиуми наведоа дека станува збор за половина милион долари, Ивица Дачиќ во продолжението на изјавата нагласи дека тоа лобирање би чинело од 50.000 до 150.000 долари месечно. Не е објаснето колку месеци би траело лобирањето, но во секој случај, многу странски и домашни политичари сметаат дека веќе се влегло во финиш на решавањето на косовскиот проблем.

Очајнички потег

Наивно е да се верува дека некој ќе викне „Сезаме, отвори се“ и дека тоа на Србија ќе ѝ ги отвори вратите на Белата куќа и потоа ќе се решат сите проблеми, вели за ДВ надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ: „Историјатот на таквите напори, прво со американската група пријатели на Србија, а потоа и со одделни лобисти задолжени за промоција на српските интереси, се завршија со многу фрлени пари и со никакви резултати. Така што, сега да се очекува дека половина милион долари се начин за брзо да се дојде до Доналд Трамп е во најмала рака - несериозно“, оценува Јакшиќ.

„Доцна Ивица на Косово доаѓа“ - така оваа вест за ДВ ја коментира Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи. „Лобирањето е легитимна работа, но мислам дека за тоа е предоцна. Не знам дури ниту дали два милиона евра месечно би направиле некаква разлика кога се работи за односите на Србија и Америка, односно во ставовите на големите сили за Косово. Оттука, на ова гледам како на очајнички потег“, вели Бешири.

Тој ги нагласува и последиците кои ваквите потези може да ги имаат врз односите со ЕУ. „Од една страна, ЕУ ви е стратешка цел и таа всушност и го води тој дијалог Белград-Приштина. Ова на некој начин значи дека не сте задоволни со тоа како оди работата со ЕУ, па сега се обидувате да ангажирате лобисти во Вашингтон, за да го промените ставот на Вашингтон. Тоа може да ги изнервира и претставниците на ЕУ“, предупредува Бешири.

Balkan - Konflikt zwischen Kosovo und Serbien - Trump und Putin
Мурал во БелградФотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Знаете ли што сакате?

Соговорниците на ДВ нагласуваат дека самиот износ на пари за којшто зборува министерот Дачиќ не е голем и дека тоа не се многу пари доколку со тоа се остваруваат некои српски национални интереси. Но, како што вели Наим Лео Бешири, јавноста пред сѐ мора да знае - каква е воопшто српската позиција за Косово. „Ние тоа навистина сѐ уште не го знаеме. Доколку некој и лобира за Србија во Вашингтон, би морало да се знае за што лобира. Дали за Косово во рамките на Србија, дали се залагаме за луѓето, за институциите, за човекови права и животен стандард на тие луѓе или нѐ интересираат само граници и територии“, се прашува Лео Бешири.

Тоа се навистина малку пари доколку успеете нешто и да добиете, истакнува Бошко Јакшиќ. „Самата согласност за Заедница на српски општини секкаао вреди половина милион долари. Што се однесува до мене, немам ништо против да дадеме и 50 милиои долари доколку се реши тој проблем така што ќе се задоволат и некои елементарни српски интереси. Но самата сума од 500.000 долари е несериозна и покажува дека зад тоа не стои никаков сериозен дипломатски проект“, заклучува Јакшиќ.

Повеќе: Дијалогот на Србија и Косово пред пресвртница

Дополнителен проблем со иницијативата на министерот Дачиќ е и фактот што српскиот претседател Вучиќ во очи на изборите 2016 година ѝ подари два милиона долари на „Фиондацијата Клинтон“. Вучиќ тогаш тврдеше дека тоа го прави „затоа што е паметен“, а резултатот е познат. „Трамп остава впечаток на многу одмаздољубив човек, така што не верувам дека тој и неговите луѓе благонаклоно гледаат на таквата поддршка за Хилари Клинтон во кампањата“, оценува Наим Лео Бешири.

Бошко Јакшиќ, пак, не мисли дека за Трамп тоа е некој важен момент. „Американската политика кон Србија и регионот суштински не се менува, а тој невешт потег е, што би рекол народот, како да 'паднала мушичка на Трамп'“, сликовито објаснува Јакшиќ.

Kosovo Belgrad Graffiti-Banner-Botschaften
Графити во БелградФотографија: DW/D. Dedovic

Вучиќ трча околу стадионот

Мотивот за ваквата иницијатива се гледа и како желба на министерот Дачиќ да парира на дипломатските напори на приштинските власти. Во таа смисла, се истакнува дека престедателот на Косово, Хашим Тачи, веќе вложува доста пари во лобирање и сега на ова се гледа како на трка кој прв ќе стигне до Трамп. Бешири вели дека тоа го „потсетува на балканскиот начин на размислување дека вие некому ќе му тутнете некои пари, а тој нешто ќе ви заврши. Тоа во Америка не оди секогаш така.“

Повеќе: Србија и Косово - четири сценарија за расплет

А Јакшиќ смета дека албанската страна тука е во голема предност и дека навистина е несериозно што српската дипломатија по 15 години се сетила дека постои лобирање. „Ако веќе се користи атлетска терминологија, во овој случај Хашим Тачи трча во првата патека, а Александар Вучиќ сѐ уште трча околу стадионот“, оценува Јакшиќ.