1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија ја следи целта „ЕУ и Косово“

27 август 2011

Србија ќе продолжи паралелно да се бори за кандидатура за членство во ЕУ и за суверено постоење на српскиот народ на Косово, изјави за „Политика“ српскиот претседател Борис Тадиќ.

https://p.dw.com/p/12Ohz
Борис ТадиќФотографија: AP

Српскиот претседател Борис Тадиќ во интервју за весникот „Политика“ бара поддршка од сите политички партии во земјата и од граѓаните за продолжување на евро-интеграциите на Србија, но и на борбата за суверено постоење на српскиот народ на Косово.

„Ако се постави неприфатлив услов за добивање статус на кандидат, на нашите европски партнери и пријатели мора јасно да им кажеме дека такво барање е невозможно. Истовремено, никако не треба да се откажеме од членство во ЕУ, зашто ако тие денес не го уважат ставот на Србија, тоа можеби ќе го сторат утре или задутре“, изјави Тадиќ.

Српскиот претседател во своите претходни изјави рече дека неговата земја нема да се откаже од кандидатурата за членство во ЕУ, но и нема да прифати укинување на нејзините институции на Косово, барање кое деновиве во Белград директно го испорача германската канцеларка Ангела Меркел.

„Србија нема да ги напушти своите сонародници на Косово. Доколку од Србија се бара да избере, мојот одговор е дека Србија нема да се откаже од своите легитимни барања“, рече Тадиќ. Тој го оцени барањето за укинување на институциите, како училиштата и болниците на северот на Косово, како „неприродно и неприфатливо“.

Тадиќ не отишол во Дубровник поради Косор?

Инаку, весникот „Блиц“ денеска објави дека српскиот претседател, кој требаше да допатува во Дубровник и да ја слуша Белградската филхармонија, го променил планот поради изјавите на хрватската премиерка Јадранка Косор.

„Тадиќ, во разговор со Јосиповиќ, рече дека не може да дојде во Хрватска по сe‘ што изјави Јадранка Косор. Му рече дека не може да дозволи величење на воени злосторници, без оглед на целта и дека нејзините изјави во Приштина не можат да придонесат за добри односи меѓу Загреб и Белград“, изјавил неименуван извор за „Блиц“.

Изворот додал дека Тадиќ во тој разговор потсетил оти од српска страна не е направено ништо што би ги разнишало добрите односи со Загреб.

„Се трудевме да бидеме фер, а тоа не ние вратено со иста мерка“, наводно рекол Тадиќ во телефонски разговор со својот хрватски колега.

Автор: ЕМФ/бета/макфакс/дпа

Редактор: Т.Тосев