1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Среќата треба да се бара во алтернативниот туризам!

8 март 2012

Македонија на ИТБ се претставува со атрактивен штанд, а за можностите на земјата говореше и вицепремиерот Владимир Пешевски. Тој за ДВ зборува за развојот на туризмот.

https://p.dw.com/p/14H0d
Фотографија: DW

Колку пари треба да се вложат во хотели, придружна инфраструктура, ски-центри, за туризмот да даде значаен придонес за македонската економија?

Пешевски: Вложувањата ќе бидат во континуитет и голем дел од оние кои се во инфраструктурата тешко може да се класифицираат дали се за индустрија, за луѓето или за туризмот. Сега имаме два современи аеродроми, што е почетна точка. Се реконструираат дел од патиштата. Завршувањето на големиот проект Коридор 8 ќе има значајно влијание и за туризмот. Предвидени се и програми за развојот на селскиот, руралниот, етничкиот туризам. Особен акцент се става и на винскиот туризам, гледан како дел од пакетот на алтернативната понуда, каде се развиваат програми и за посети на повеќе винарии. Веројатно за да стигнеме до саканата бројка од милион туристи годишно ќе ни‘ бидат потребни и неколку стотици милиони евра инвестиции. Еден дел треба да дојде од државата, но секако поголемиот од приватниот сектор, зашто времето кога државите го развиваа туризмот е завршено. Државите треба да создадат атмосфера, бизнис клима, за луѓето кои се занимаваат со туризам да имаат профитабилни инвестиции. Ние го правиме тоа. Како што е познато оваа година е намален данокот за туристички услуги од 18 на 5 проценти. Дадовме дополнителни субвенции и за носење туристи од земјите од Бенелукс, што резултираше со драстично зголемување на бројот на гостите. Холанѓаните се вратија во Охрид. Тие компании кои работат со тој дел од Европа беа и на „Бизнис травелер“-настанот што го организираше Си-Ен-Ен, со цел за засилување на таа соработка. Планираме акцентот да се стави и на образованието на туристички кадри, да воведеме и задолжителна пракса уште од првата година во туристичките училишта. Даваме и стипендии за сите оние кои ќе успеат да се запишат на насоката туризам на еден од стоте водечки универзитети во светот. Ќе има и субвенции за зачувување на македонските ракотворби, занаети, што значи - станува збор за цела палета активности.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Владимир Пешевски на Меѓународната туристичка берза (ИТБ)во БерлинФотографија: DW

Како до германскиот пазар? Како да се успее и Германците да стигнат до Македонија?

Пешевски: Германците како клиенти се потешки. Не беше случајно што ние ги избравме Холанѓаните, зашто тие по дух, по природа се поавантуристички расположени и не се такви перфекционисти како Германците. Германците сакаат врвна услуга. Затоа во овој момент Македонија како туристичка дестинација може да им се понуди само на определени клиенти од Германија, бидејќи треба да се инвестира и во хотелите, во подигањето на нивото на услугата, на храната! Македонската храна е извонредна и тоа е она што сакаат да го пробаат, но откако ќе излезат од хотелот. Кога се наоѓаат во хотелот ги сакаат интернационалните опции. Тоа е нешто на што треба да работиме, но верувам дека за пет до шест години и Германија како пазар ќе биде интересен за нас. Моја проценка е дека Германија е најтешка за освојување, бидејќи сите туристички држави во светот се обидуваат да ги „нападнат“, да ги привлечат Германците поради нивната голема куповна моќ. Тие истите нудат и врвна услуга. Ние се' уште се качуваме на таа скала и очекувам за пет-шест години да бидеме на тоа ниво. Ова, меѓутоа, не значи дека и сега немаме гости од Германија, но бројот не е онолкав колку што би требало да биде.

08.03/ Pesevski - MP3-Stereo

Имаме современи аеродроми, но се прави ли нешто повеќе за да има и евтини летови до Македонија?

Пешевски: Видете, компанијата „Виз ер“ веќе нуди евтини летови од Скопје и Охрид до неколку дестинации во Европа. Заедно со Министерството за транспорт работиме на програма за субвенционирање на овие нискобуџетни авиокомпании, со цел - да се зголеми бројот на летови. Јас верувам дека во наредните 6 месеци до 1 година ќе има евтина конекција и кон некој од градовите во Германија.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска