1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загриженост поради Балканската рута

Емир Нумановиќ / ЕМФ2 јули 2016

За Австрија нема дилеми: неконтролираната миграција треба да се спречи. Шефовите на полиции на Австрија и на балканските држави разговараа за подобрување на соработката во бегалската криза.

https://p.dw.com/p/1JHT5
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL

Австриските власти сакаат да бидат добро подготвени во случај на идни бегалски бранови. Еден од најважните предуслови за тоа, според австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка, е добра соработка со соседите.

По билатералните средби со ресорните колеги од Италија и Унгарија, Соботка неделава во Виена ги прими и шефовите на полиции на балканските држави.

„Миграциските движења по Источнобалканската рута, како и по централната Балканска рута, предизвикуваат и натаму голема загриженост. Мора внимателно да ги следиме овие рути, како рутата преку Бугарија и Романија, така и преку Бугарија и Србија“, изјави Соботка во Виена.

„Ќе бидеме будни“

Во Виена беа присутни шефовите на полиции од Бугарија, Грција, Хрватска, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Чешка и Унгарија, а имаше и претставници на Европол и Фронтекс. Тие, според сопствени наводи, се договориле за „полициски мерки за натамошниот пристап кон некотролираната миграција“.

Австрија со својата географска положба е погодена како од миграција преку Балканската рута, така и преку Средоземноморската рута. „Ќе бидеме будни во случај да дојде до менување на рутата, на пример преку Бугарија“, вели Конрад Коглер, генерален директор за јавна безбедност во австриското министерство за внатрешни работи. „Против неконтролираната миграција можеме да се бориме успешно само ако ги искоординираме тесно полициските мерки кои ги преземаме.“

Средбата на шефовите на полиции е подготовка за наредната голема Балканска конференција за бегалците, која австриското Министерство за внатрешни работи ја планира за средината на јули во Виена. Министерот за внатрешни работи Волфганг Соботка соопшти дека новата конференција треба да осигура дека „Балканската рута останува затворена“.

Mazedonien Grenze Idomeni Flüchtlinge Polizei
Неконтролираната миграција треба да се спречи - во тоа Австрија е апсолутно уверенаФотографија: Reuters/M. Djurica

Новите рути уште поопасни

Шефот на Агенцијата на ЕУ за заштита на границите - Фронтекс, Фабрис Леџери, е загрижен поради преместувањето на бегалските рути. Со тоа Италија е изложена на особено голем притисок. Од Либија доаѓаат 13 до 14 пати повеќе бегалци во Италија, отколку што доаѓаат бегалци од Турција во Грција, вели тој. Централната Средоземноморска рута е оптоварена како никогаш досега, а бројот на илегални премини на границата меѓу Либија и Италија, го надминува бројот на сите други илегални премини на границите во ЕУ, подвлекува шефот на Фронтекс.

Австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка е на мислење дека Европа има потреба од функционална заштита на надворешните граници како и ефективни „хотспотс“во Италија. Австрија е подготвена во таквите „хотспотс“ во Италија да испрати национални експерти како поддршка, а и да учествува во создавање такви „хотспотс“ на море. Така луѓето би биле регистрирани уште додека се наоѓаат на бродовите. „Важно е оние на кои не им е неопходна заштита да се враќаат назад, а луѓето на кои им е неопходна заштита да бидат згрижени во Италија“, потенцира Соботка.

Migranten Flüchtlinge Libyen Küste Rettung Aquarius Mittelmeer
Централната Средоземноморска рута е оптоварена како никогаш досегаФотографија: Getty Images/G.Bouys

Шверцерите профитираат од Балканската рута

Со затворањето на т.н. Балканската рута и постигнувањето договор на ЕУ и Турција за бегалците, бројот на бегалци е во последно време намален. Меѓутоа, со затворањето на границите повторно на значење добија шверцерите, предупредува историчарката Армина Галијас од Центарот за Југоисточноевропски студии на Универзитетот Грац. „Луѓето не исчезнаа, тие се сѐ уште тука, само што нивната состојба сега е потешка. Во меѓувреме за нив речиси и нема помош и поддршка и шверцерскиот бизнис цути. Шверцерите сега бараат и многу повеќе пари од порано“, вели Галијас, опишувајќи ја состојбата по својата посета на Белград.

Историчарката критикува дека постои извесна хипокризија на ЕУ во бегалската криза. „Многу политичари од балканските држави од страна на ЕУ се окарактеризирани како авторитарни и националистички настроени, но кога станува збор за плановите на ЕУ за рестриктивна политика кон бегалците, тогаш тие одеднаш се многу важни партнери“, вели Галијас.

Symbolbild - Grenzzaun
Бројот на бегалци во последно време е намален, но луѓето се сѐ уште тука, не исчезнаа, нагласува ГалијасФотографија: picture-alliance/dpa

Сега и Австрија со своите партнери од балканските држави кова нови планови за евентуална наредна бегалска криза. „Тесната соработка на нашите земји и на почетокот на годината беше клуч за контролирање на ситуацијата долж Западнобалканската рута“, оцени Конрад Куглер по средбата на шефовите на полиции во Виена. Таа средба треба да биде гаранција дека во тој дел ништо нема да се промени.