1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Судиски пародии

30 септември 2017

Ни плати од 10 илјади евра не можат да му донесат независност и автономија на еден судија ако тој не сака да биде таков. Во светот на моралната корупција во судството големината на платата само ја зголемува зависноста.

https://p.dw.com/p/2l0VO
Symbolbild Justiz Richter Gericht Richterhammer
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Кој е минотаурот којшто го чува судскиот лавиринт и живее во него? Дали е тоа повеќеглавиот Судски совет, дали е тоа претседателот на Врховниот суд, дали се тоа повеќе судии од Кривичниот суд кои се собрани еден до друг како сноп? Дали е тоа демохристијанскиот националистички конзервативен лидер, кој преку ноќ реши да ја облече тогата на граѓански десничар или, пак, едноставно, тоа е системот кој го постави судството на плитки темели, па секој може да го ниша онака како што ќе посака? Се разбира дека е многу важно да се открие кој е и што е овдешниот минотаур, но уште поважно е да се обелодени што остана од судството, кое сега изгледа раздробено на парчиња по налет на неименуван ураган. Настаните од последниве две недели го комплетираат мозаикот на еден руиниран систем, толку уништен што изгледа дека не е можно да се поправи ни со прецизните препораки на тимот на Рајнхард Прибе. А за изградбата на нов ниту има време, ниту волја, ниту енергија, а можеби нема ни материјал.

Во четвртокот два судски процеси прозлезени од обвиненијата на СЈО беа одложени на таков начин речиси и никогаш да не се одржат. Процесот за насилствата во општината Центар беше одложен по шести пат уште пред да почне. Тактиката на одбраната е едноставна – секогаш да биде отсутен некој од обвинитите, а судијката да се прави немоќна се додека на сите не им побелат косите. Изјавата на судијката Татјана Михајлова, дека ако дадел господ наредниот пат ќе се одржело и рочиште, целиот процес, а преку него и судството, го сместува во ирационални, па дури и теолошки води. Ако судиите се надеваат дека по божјата милост треба да се раководат процеси, тогаш во некој агол на Кривичниот суд треба да се направи мал параклис за господ да ги слушне нивните молби обвинетите да се смилуваат и да се појават на процесите. Со вакво неодлучување судот ќе се задуши во реата на сопствените предмети и ќе се претвори во судски гериз.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Фотографија: Privat

И транспортерот од Битола тргна на тоа долго патување во ноќта по судските ходници, што е толку весело речиси, како џез импровизација. И после Прибе се исчудува како за две години од воспоставувањето на СЈО немало ниту една судска пресуда. Далеку е од пресуди, господине Прибе, овде асолно нема почнато ни процес. Новиот германски амбасадор, Герберих, во разговор за емисијата „Фактор“ на Телевизија 24 изјави дека најважниот проблем што го гледа во Македонија е корупцијата и дека таа целосно го поткопала општеството. Таа не е поврзана само со пари. Корупцијата го има изедено секој сегмент од општеството – и морачниот, и стручниот, и финансискиот.

Вангеловски како Архимед

Па оттаму во овие две недели се изнагледавме такви трагикомични и неверојатни ситуации кои како да излегле од рубриките „Дали сте знаеле или не!“.  Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, како да е Архимед, ја откри тајната како наводно се изигрувал системот за компјутерска распределба на предметите, па сега ја стави пушката на рамо и излезе во партизани. Нема потреба да се оди преку компјутер и системот Акмис, кој бил несовршена алатка, кога тоа може да се направи преку најпоузданото средство  - рачна определба и достава.

„Под целосна одговорност тврдам дека постоеле аномалии и манипулации со распределбата на предмети во Основниот суд Скопје I со години од страна на претходните претседатели (една поранешна претседателка и еден поранешен претседател на судот) се до стапувањето на функција на в.д. претседателот Стојанче Рибарев“, изјави Вангеловски за Телма и опишува како функционирал овој систем. „Кога ќе видите дека на корицата на предметот го пишува името на судијата што треба да го води случајот со параф од претседателот на судот, тогаш е јасно... Тоа е повеќе како наредба до писарницата“. Вака го објаснува системот на манипулации Вангеловски. Тој вели дека овие свои епохални сознанија му ги пренел на Прибе за време на нивната средба ова лето. Но не знаеме дали тие биле содржани во неговиот предлог за реформите на судството што Вангеловски му ги достави на германскиот експерт. А во изјавата за „Фокус“ уште ќе дополни: „Откако злоупотребите ќе се докажат, јас ќе ги поднесам кривичните пријави против судиите и одговорните“.

Jovo Vangelovski
Јово ВангеловскиФотографија: DW/K.Blazevska

Но претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, уште поодамна, пред цела година година ги отфрли сегашните наводи на Вангеловски, по реакцијата на јавноста како биле доделени предметите за „шамарите“ за Жерновски и уништувањето на опремата во Петтата управа на МВР. „Веднаш откако беа распределени предметите и откако се крена врева во јавноста зошто се паднале кај судијките Татјана Михајлова и Лидија Петровска од мојата канцеларија влегов во Акмис системот. Системот е направен со американска стручна помош и тој открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Овие два предмети се распределени електронски, видов и немам сомнеж во тоа“, изјави лани во септември Караџовски.

Можеби било така, но можеби и не, но факт е дека министерот за правда Билен Салии соопшти дека формирал посебен тим кој ќе изврши увид во Акмис системот за да се утврдат евентуалните злоупотреби. Уште поголем факт е дека Прибе во својот втор извештај го пишува и ова: „Има кридибилни индикации дека системот Акмис често е злоупотребен за да се осигура распределбата на чувствителни предмети кај определени судии... Системот може да биде злоупотребен од личности кои имаат пристап до него, како претседателите на судовите. Групата беше информирана дека тоа се случувало. Никогаш не е направена ревизија на системот. Слабоста на системот е што до него имаат пристап повеќе различни актери, вклучувајќи го Судскиот совет, Врховниот суд, претседателите на судовите и Министерството за правда“.

Минотаурот во судството се погрижи да внесе нов правен лавиринит откако пред некој ден тројца судии во Кривичниот суд ги отфрлија „бомбите“ како доказ во три предмети, иако претходно Апелацискиот суд донесе конечна одлука дека тие може да се употребуваат во два други процеси, затоа што тие преку закон се влезени во правниот систем на државата. Но треба да се одолговлекува колку што е можно повеќе, без оглед колку судиите со ваквите одлуки си стануваат смешни на самите себеси. Но, има ли нешто поважно од интересите на некои други, тогаш треба на нивниот олтар да се стави и сопствената судиска чест. Исто како што претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, уште не успеал да издејствува „став“ на највисокиот суд дека „бомбите“ и покрај закон што е донесен специјално за нив не се доказ.

Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Пародија, патрдија – како сакате наречете ги овие настани. Тие имаат само една цел: да го урнисаат целиот систем, кој се градеше седум децении, само заради тоа некои луѓе да ги одбегнат мачните соочувања во судниците. Па макар биле после тоа прогласени и за невини.

Го читаат ли судиите Прибе

Во оваа млака, неинтересна, издишана изборна кампања, во која сите изгледаат уморно по декемвриското гласање и катарзата на кризата на 27 април - од партиските лидери, до кандидатите, медиумите и најпосле публиката - извештајот на групата на Рајнхард Прибе остана во сенка. Пред две години првиот извештај беше рентгенска снимка за состојбите во општеството, а овој сега е уште поважен и посуштински. Во него точно се наведени насоките по кои Македонија треба да тргне ако сака да се помрдне напред. Како што првиот извештај беше окосница за Итните реформски приоритети што ги бара Брисел, така овој ќе биде испит дали Македонија може да се соочи самата со себе и дали има сили да направи чекор за излез од балканската кал.

Извештајот е неверојатен и фамозно прецизен. Тој не страда од бирократски конструкции на европските чиновници, ниту од дипломатски двосмислености. Ова, е всушност, лектирата за сите политичари во Македонија. Доколку не ја прочитаат и не ја спроведат во живот, ние ќе се вратиме два чекори назад, откако направивме еден голем чекор напред.

Deutschland Reinhard Priebe 2005
Рајнхард ПрибеФотографија: picture alliance/AP Photo/H. Pustina

Еве некои детали од него: 

       - Неуспехот да се имплементираат најголем дел од препораките од Извештајот во 2015 година е причина за сериозна загриженост

       - Групата нотираше промена во политичкиот контекст и многу поголема посветеност овој пат меѓу некои од учесниците. Групата беше импресионирана од професионализмот на многумина, иако не на сите, од оние кои работат во судството, извршната власт и други јавни служби

       - Само една од 12 препораки од 2015 година во судството и обвинителството е имплементирана

       - Мешањето во копмјутерскиот систем Акмис во судството е правено на неколку начини: прво судијата кому не може да му се верува во Кривичниот суд е преместуван на граѓански предмети; второ, некои од судиите свесно избегнуваат да бидат под притисок во некои чувствителни случаи и намерно одат на одмор или друго отсуство во тоа време        

       - Основната улога на Судскиот совет е да ја обезбеди и да ја гарантира независноста и автономијата на судството. Со многу чекори Судскиот совет покажа дека потфрли да ја преземе оваа одговорност

        - И понатаму нема транспарентен и предвидлив механизам за воспоставување панел кој ќе одлучува за случаите на Специјалното јавно обвинителство

        - Ниту еден чекор не е преземен за имплементација на препораките за судството на Венецијанската комисија

        - Не е имплементирана препораката од 2015 година Судскиот совет да ги извршува своите должности без политичко мешање, директно и, подеднакво важно, индиректно, и да биде многу проактивно во одбрана на судиите кога е нападната нивната независност

Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Да не наведуваме понатаму. Извештајот на групата на Рајнхард Прибе е преполн со вакви забелешки во делот за судството. Исклучително важно прашање е колку од судиите и особено претседателот на Судскиот совет, претседателот на Врховниот суд и претседателот на Кривичниот суд ги прочитале овие страници кои се вистински час по анатомија на метастазираното тело на системот кој треба да дели правда. Или можеби ги прочитале и ги отфрлиле со еден потег како „европски наклапања“.

Ни плати од 10 илјади евра не можат да му ја донесат независноста и автономијата на еден судија ако тој не сака да биде таков. Во тој свет на моралната корупција големината на платата само ја зголемува зависноста. Тоа, едноставно, сега така функционира овде. 

Но да видиме – на 20 ноември е денот за македонскиот showtime. Во истиот суд, но не знаеме дали во исто време, двајца премиери – поранешниот и сегашниот – ќе бидат на обвинителната клупа. Ова е уникатен случај во светски размери, колку нам сега тоа да ни изгледа веќе обично. И ќе видиме дали судијката која се разболе ден пред рочиштето за Зоран Заев пак ќе биде болна или пак господ ќе ги вмеша своите прсти и конечно ќе почне процесот за насилството во Центар. Тогаш и ќе дознаеме дали некој чита што пишува Прибе.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар