1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Темна дамка на нашата совест“

11 јули 2010

Во Сребреница, во БиХ денеска (11.07.2010) околу 40 илјади луѓе се потсетија на геноцидот од пред 15 години. Војската на босанските Срби на 11 јули 1995 година уби повеќе од 8 илјади босански муслимани.

https://p.dw.com/p/OGMz
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Масакрот во Сребреница е најголемото воено злосторство во Европа по Втората светска војна.

Сребреница денеска беше завиткана во бело, бојата на тагата на муслиманите.

Лидерите од регионот и од Европа им оддадоа последна почит на 775, дури сега со помош на ДНК идентификувани жртви, кои беа погребани во Поточари. Таму сега почиваат околу 4.500 настрадани во масакрот.

„Ужасот во Сребреница е темна дамка на нашата колективна свест,“ порача во испратената порака американскиот претседател Барак Обама.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон и еврокомесарот за проширување Штефан Филе од Брисел испратија соопштение во кое велат дека Сребреница и денес е предупредување за она што никогаш и никаде повеќе не смее да се повтори.

Gedenkfeier in Srebrenica Bosnien und Herzegowina
Учесниците на комеморацијата во СребреницаФотографија: AP

Меѓу присутните на комеморацијата во Поточари беше и претседавачот со ЕУ, белгискиот премиер Ив Летерм, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан, македонскиот претседател Ѓорге Иванов и српскиот, Борис Тадиќ. Тој го образложи своето доаѓање како чекор на помирување на народите. Паролите со пораки „Србија геноцид“ власта ги отстрани. Тадиќ изјави дека не се откажува од гонењето на одговорните за Сребреница, потенцирајќи дека мисли на Ратко Младиќ.

Пред 15 години, пред крајот на босанската војна од 1992 до 1995 година, српските трупи ја нападнаа заштитната зона кај Поточари, која статусот го имаше добиено од ОН, а каде беа склонети околу 60 илјади муслимани. Таму стационираните сини шлемови, холандски војници, не го спречија походот. Српските трупи селектираа околу 8 илјади мажи, од најмали до најстари и ги одведоа во смрт.

Автор: ЖА/ТТ/дпа/апн

Редактор: Трајче Тосев