1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терминот „Македонско претседателство“ прифатен во Стразбур

30 април 2010

Претседателот на ПС на СЕ Мевлут Чавушолу изјави дека Р. Македонија ќе претседава со Комитетот на министрите под името „Македонско претседателство“. Решавањето на спорот за името би придонело за стабилноста на Балканот.

https://p.dw.com/p/NAfF
Претседателот на ПС на СЕ Мевлут ЧавушолуФотографија: AP

„Од македонското претседателство ние очекуваме да игра поактивна улога во Совет на Европа и во Парламентарното собрание на Советот на Европа, во ангажираниот процес на реформи. Се надевам дека реформите ќе бидат следени и гарантирани од македонското претседателство. Бирото, постојаната комисија и комитетот на претседателите на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе се состанат на 20 и 21 мај во Скопје, се радувам што ќе имам можност да ја посетам повторно земјата,“ вели за Дојче веле претседателот на ПС на СЕ Мевлут Чавушолу. Тој притоа е убеден дека македонското претседателство ќе биде крунисано со успех и дека Македонија ќе придонесе за зацврстувањето на главните вредности на Советот на Европа.

Präsident der Europarats-Parlamentarier Mevlüt Cavusoglu
Претседателот на ПС на СЕ Мевлут ЧавушолуФотографија: picture-alliance/ dpa

Во однос на прашањето под кое име Република Македонија ќе претседава со Комитетот на министрите - извршниот орган на Советот на Европа, Чавушолу вели: „Колку што јас знам, за ова се зборува во Комитетот на министрите и таму е потврдено и прифатено дека ќе биде ’Македонско претседателство’. Не велиме дека ќе биде претседателство на Република Македонија, ниту на Македонија, ниту на Поранешната југословенска република Македонија, иако ова е официјалното име на земјата.“

Името, според претседателот на ПС на СЕ, претставува проблем за идната евро-атлантска интеграција на земјата и тој искрено се надева дека овој проблем наскоро ќе биде решен и дека Парламентарното собрание на Советот на Европа повеќе нема да се грижи за вакви видови на прашања, кои според него не се корисни. Решавањето на спорот за името ќе придонесе за поголема стабилност на Балканот, вели Чавушолу и уште еднаш нагласува: „Што се однесува до името на претседателството, тоа ќе биде ’Македонско претседателство’ и тоа нема никаква врска со тоа што сум од Турција или со мене лично“.

Грчки парламентарец реагирал на терминот „Македонско претседателство“

ПС на СЕ пред извесно време се изјасни да не зазема позиција во спорот за името, бидејќи тој се решава во ОН, но неговиот претседател признава дека грчките парламентарци реагирале на тоа што ќе се користи терминот „Македонско претседателство“: „Добивме едно писмо од еден член на грчката делегација, на тоа писмо одговоривме со објаснување дека ние како ПС не СЕ не сме тие кои одлучија за тоа име и дека ние не сме вистинската адреса на која требаше да се испрати писмото. Тој требаше да му напише на Комитетот на министрите, а не нас. Освен оваа, немаше други реакции.“

Во однос на актуелната ситуација во Македонија претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа признава дека не го следел последниот развој, ниту пак повиците за зачувување на Охридскиот договор. Тој смета дека последниве години е констатирана поголема стабилност во земјата и дека не постојат потенцијални конфликти меѓу различните етнички заедници кои ја составуваат земјата. „Македонија е прекрасна земја, ние не сакаме таа да има проблеми и конфликти, ние сакаме мир и напредок за неа,“ завршува Мевлут Чавушолу.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска