1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чадната завеса на Качински

Бартош Дудек
12 декември 2017

Рокадата на врвот на полската влада во прв ред е тактички маневар, за да се одвлече вниманието од тоа како Јарослав Качински и неговата партија ПиС ја поткопуваат правната држава, смета Бартош Дудек.

https://p.dw.com/p/2pBdf
Polen Warschau Mateusz Morawiecki
Фотографија: picture-alliance/PAP/P. Supernak

Само неколку часа откако полската премиерка Беата Шидло го преброди гласањето за недоверба во парламентот, Јарослав Качински ја замени со нејзиниот досегашен заменик Матеуш Моравјецки. „Треба да ѝ се верува на мудроста на г-дин Качински", ја коментираше лојалната партиска војничка Шиддло одлуката на претседателот на владејачката партија ПиС. Но, изненадувањето беше совршено: медиумите во земјата и во странство имаа „ударни вести" и го вртеа името на 49-годишниот планинар Моравјецки со денови.

Она што речиси никој не го забележа: Веќе наредниот ден Сејмот ги усвои контроверзните правосудни реформи. И покрај предупредувањето на меѓународно признаените експерти на Советот на Европа, тактичкиот маневар беше совршено успешен.

Повеќе на темата: 

-Дали Моравјецки ќе ја извлече Полска од изолација?

-Се движи ли Варшава кон Полегзит?

-Во Полска ценета, меѓународно изолирана

Не се очекува промена на курсот

Одлуката на вистинскиот владетел Јарослав Качински да го постави поранешниот суперминистер за економија и финансии Моравјецки на чело на полската влада,  требаше пред сѐ да произведе ефект на чадна завеса. Зашто не треба да се очекуваат корекции на курсот во домашната и во надворешната политика.

Моравјецки, поранешен шеф на една голема банка, се смета за докажан економски експерт  и способен менаџер. Сепак, како политички неискусен аутсајдер во партијата, тој ќе мора послушно да ги спроведува политиките на Качински. Моравјецки, кој за разлика од Качински и Шидло е космополит и зборува неколку странски јазици, би требало по можност да го подобри имиџот на Полска во странство, а особено во Брисел.

Dudek Bartosz Kommentarbild App
Бартош Дудек, автор на коментарот

Не без ризик

Шаховскиот потег на Качински, сепак, не е без ризик. Беата Шидло беше лицето на победничката предизборна кампања во 2015 година. Таа се смета за блиска до народот и ужива голема популарност, особено во провинцијата.  Затоа, таа сега ќе биде и заменичка на Моравјецки без ресор. Сепак, нејзиниот пад беше примен со нелагодност кај многу приврзеници на ПиС. Милионерот Моравјецки, кој студирал во Германија, за разлика од Шидло, меѓу другото, се смета за човек од елитата. Тој исто така се смета за ревносен и амбициозен. Улогата на примач на команди  нему би требала да му падне потешко отколку на неговата претходничка.

Судбината на Беата Шидло треба да биде потсетник за него. Додека вистинскиот владетел седи во седиштето на партијата, и Моравјецки во прв ред останува едно нешто: премиер на повик.