1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц се извини поради безредијата на Г20

Ж. Ацеска
12 јули 2017

Германската влада ќе сноси половина износ од обесштетувањето на жртвите во безредијата за време на самитот Г20 во Хамбург. Градоначалникот Олаф Шолц јавно се извини и призна грешки.

https://p.dw.com/p/2gP1S
G20 Gipfel in Hamburg | Zerstörung
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/J. Widener

Министерството за финансии уште ја нема одредено точната висина на Фондот за обесштетување, но неговите експерти, заедно со хамбуршките служби, работат со засилено темпо во создавањето потребни рамки за пружање брза помош на жртвите во безредијата и отстранување на штетите, изјави владин претставник во Берлин.

Предвидено е градот Хамбург да отвори канцеларија каде засегнатите ќе можат да ги доставуваат своите барања за надомест на претрпените штети. Градот ќе се грижи околу „евентуалните побарувања кај осигурувањата на оштетените луѓе“, објави „Хамбургер абендблат“.

Анархијата го засени самитот на Г20

Германската канцеларка Ангела Меркел по избувнувањето безредија, кои го засенија самитот на Г20 во Хамбург на 7. и 8. јули, вети брза и небирократска помош за настраданите граѓани.

Насилници, главно левичарски екстремисти, предизвикаа хаос, оштетувајќи и палејќи автомобили, подигајќи и палејќи барикади, пустошејќи и ограбувајќи продавници. За смирување на состојбата мораа да се вклучат и специјални сили на полицијата. Беа употребени водени топови, солзавец и палки.

Deutschland Regierungserklärung nach G20-Krawallen vom Hamburgs OB Olaf Scholz
Олаф Шолц побара извинување од граѓанитеФотографија: picture-alliance/dpa/D. Bockwoldt

Градоначалникот на Хамбург, Олаф Шолц, во неговото со нетрпение очекувано обраќање во градскиот сенат, денеска јавно се извини и призна грешки во безбедносниот концепт за самитот. Покрај сите подготовки, не ни успеа целосно да го запазиме јавниот ред, изјави тој: „Поради тоа, ги молам сите граѓани на Хамбург за извинување“. Како градоначалник, потенцираше Шолц, тој се чувствува одговорен за безбедноста на хамбуржани. Отпосле стана јасна недоволноста на безбедносните напори во совладувањето на новата димензија насилство и спречувањето на извршување кривични дела. Како последица не смее да остане само гневот и запрепастеноста од дивјачките дела на маргините на самитот, туку мора да се преземе сѐ за виновниците да бидат казнети, рече Шолц. Тој им се заблагодари на полицајците, на припадниците на службите за помош и на граѓаните на Хамбург: „Длабоко сум трогнат од нашиот град, кој по совладувањето на 'бурата', толку брзо се исправи“.

Бројни граѓани им изразиле сочувство и благодарност на полицајците, а илјадници уште во неделата „ги засукаа ракавите“ за да ги отстранат последиците од беснеењето на насилниците. Шолц, кој е член на СПД, не ги спомена барањата за негова оставка, кои курсираат овие денови, најзасилено кај партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ).