1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шпион“: Кривични пријави за 20 лица осомничени за шпионажа

К.Блажевска/СН/мф17 септември 2013

Организираната група започнала со работа уште во 2005 година, кога еден од осомничените добил отказ од Агенцијата за разузнавање. Уапсените во акцијата „Шпион“ шпионирале главно за една соседна држава, велат од МВР.

https://p.dw.com/p/19jEX
Фотографија: MIA

До Основното јавно обвинителство за организиран криминал Министерството за внатрешни работи поднесло кривична пријава против 20 лица осомничени за злосторничко здружување, злоупотреба на службена должност, шпионажа, уцени и измама. Станува збор за поранешни и сегашни вработени во МВР, во Военото разузнавање, во Агенцијата за разузнавање, државни институции, вработени во приватни фирми и сопственици на медиуми. По три лица полицијата се‘ уште трага.

Како што информираше на денешната (17.09) прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, МВР има информации за странските служби со кои соработувале, а најчесто тоа било со служба на една соседна држава. За возврат добивале не само парични средства, туку и имоти, патувања и се‘ друго што им овозможува луксузен живот. Јанкулоска денеска не сакаше да открие за која земја станува збор. Организираната група започнала со работа уште во 2005 година, кога еден од осомничените добил отказ од Агенцијата за разузнавање.

Јанкулоска нагласи дека ова е еднo од најтешките кривични дела против државата и дека распитот на дел од осомничените се‘ уште не е завршен, а доказите и користената техника се обезбедени на законски начин.

Во извршените претреси кај 17 лица во 30 објекти во Скопје пронајдени биле и дадени на вештачење 1.095 парчиња муниција, 481 цедиња, 125 вежбовни куршуми, 81 компјутер, 57 мемориски уреди, 25 парчиња огнено оружје, детектор за прислушни средства и друго.