1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер: Кризата може да ги зафати Белгија и Италија

18 јуни 2011

Претседателот на Еврогрупата Жан Клод Јункер, кој е и премиер на Луксембург, предупреди дека должничката криза може да ги зафати Белгија и Италија и да предизвика верижна реакција во Европа.

https://p.dw.com/p/11ejv
Жан Клод ЈункерФотографија: AP

„Банкротот може да ги зарази Португалија и Ирска, но исто така и Белгија и Италија поради нивните големи долгови. Во тие земји е можно кризата да настапи и пред Шпанија“, истакна Јункер за денешното издание на германскиот весник „Зидојче цајтунг“.

Според Јункер, доколку приватните кредитори се вклучат во спасувачкиот план за Грција, во најлош случај агенциите за оценка на кредитниот рејтинг можат да ја класифицираат Грција во категоријата на платежно неспособни, што ќе има катастрофални последици за еврото.

„Си играме со оган. Тоа најлошо сценарио ќе има драматични последици и врз други земји од еврозоната, како Португалија, Ирска, Белгија и Италија“, истакна Јункер.

Belgien Brüssel Finanzminister eurogroup Griechenland NO FLASH
Фотографија: AP

Германско-француска поддршка за Грција

Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози вчера во Берлин покажаа решителност во барање на решение за грчката криза. Притоа било постигнат единствен став дека би требало да се вклучат приватни банки и донатори, врз доброволна основа, во проектите за спас на Грција

„Грчкиот премиер ја има нашата поддршка“, изјави Меркел по телефонскиот разговор со премиерот на Грција Јоргос Папандреу. Наведувајќи дека Папандреу е подготвен за битка, Меркел на заедничката прес-конференција со Саркози, изнесе уверување дека Грција ќе успее да ја совлада кризата во која се најде. Берлин и Париз планираат на претстојниот самит на ЕУ кој ќе се одржи наредната недела да се ангажираат за изнаоѓање на реален концепт за спас на Грција.

Автор: ЖА/ТТ/миа/зц

Редактор: Жана Ацеска