1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе може ли Ирска без европска помош?

16 ноември 2010

Европската комисија изрази загриженост за буџетот на Ирска, но смета дека состојбата не е алармантна. Портпаролот на Европската комисија Амадеу Алтафај во Брисел изјави дека станува збор за „преувеличување“.

https://p.dw.com/p/QACs
Ирска вложува напори за намалување на дефицитот во буџетотФотографија: Fotolia/Stephen Finn

Не стивнуваат гласините дека Ирска наскоро ќе мора да побара поддршка од фондот за помош на Европската унија. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и повеќе премиери од Европа, на Самитот Г20 во Јужна Кореја се обидоа да ги смират гласините, но тоа досега немаше резултати.

Одржување на финансиската стабилност

Europäische Kommission Jose Manuel Barroso Brüssel
Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Портпаролот на Европската комисија Амадеу Алтафај во Брисел на вчерашната (15.11) прес-конференција постојано го бомбардираа со истото прашање: Каква е состојбата во Ирска? Дали планираат акција за спасување? Алтафај избегна официјален демант, и рече дека тоа е „преувеличување“:

„Тие не побарале финансиска помош. Освен тоа долговите на Ирска може целосно да се финансираат до 2011 година. Значи не постои непосредна потреба за помош.“

Алтафај потврди дека се „загрижени за финансиската стабилност на еврозоната во целина“. Но, ирската влада досега направи многу за консолидација, и со тоа ја стекна нашата доверба:

„Состојбата е сериозна, но ирските власти се одлучни во остварувањето на плановите за буџетот, првенствено на планот до 2014 година да има дефицит во буџетот од најмногу три проценти од домашниот бруто производ. Нема сомнение дека земјите-членки на Европската унија, а пред се‘ оние кои се под голем притисок, ќе ги преземат сите неопходни мерки.“

ЕУ гарантира сигурност

Puzzlebild Triptychon Irland und Finanzkrise 2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тогаш зошто се шират гласини дека Ирска можеби ќе побара поддршка од фондот за помош на ЕУ, ако не и‘ е потребна? Тоа е можеби поради другите земји-членки со заслабната економија, како Португалија и Шпанија. На владите во Лисабон и Мадрид им е јасно дека нема да привлекуваат толкаво внимание, ако Ирска побара помош од фондот на ЕУ. Портпаролот на ЕК неуморно повторува колку е мала веројатноста дека ќе треба да се спаси Ирска, но за такви случаи Европската унија уште од мај годинава оформи фонд за помош. ЕУ располага со неопходните финансиски средства, и може да гарантира сигурност, истакнува Алтафај.

Автор: Кристоф Хаселбах / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска