1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bedrohungslage Deutschland

13 октомври 2009

Според повеќе видео-закани, Германија во октомври би требало да биде цел на терористички напади. Џихадистите бараат повлекување на германските војници од Авганистан, а како платформа го користат интернетот.

https://p.dw.com/p/K4kQ
Видео-пораките се распространуваат за неколку часаФотографија: picture alliance / dpa

Интернет-страницата се вика „Време на мачеништво“, достапна е на турски, арапски и руски јазик и знае преку ноќ да го промени името и серверот. Сепак, нејзините посетители, млади, радикални муслимани, знаат како да стигнат до неа и како со одредни лозинки и специјални софтвери за компримирање да ги видат видео-пораките од Ал Каида и нејзините сродни организации.

Секогаш се случува истото: нова видео-порака се најавува на интернет-форумите или, пак, едноставно се појавува на некоја од најпосетуваните исламистички страници, најчесто со линкови за нејзино преземање. Видеата се достапни во различни големини, од варијанта за мобилен телефон до фајл со висока резолуција, скоро со професионален квалитет. Целта е јасна: видео-пораката мора да се распространи колку што е можно побрзо, пред западните безбедносни органи да успеат да ги блокираат линковите. И во суштина не поминуваат ни неколку часови додека симпатизерите на ваквите организaции веќе ги поставиле видео-пораките на други интернет-страници, се` до Јутјуб, несомнено најголемиот и најпосетуван видео-портал во светот.

Истото се случи и со видео-пораките од исламистот Бекај Хараш со потекло од Бон. Најпрвин тие беа достапни само за оние кои знаеја каде да ги најдат, но само по неколку часа беа достапни и на Јутјуб.

Џихад од дома

Terrorismusabwehrzentrum in Berlin
Безбедносните органи будно ги следат случувањата на мрежатаФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Во Германија самото ширење на вакви материјали е казниво. На почетокот на октомври беше уапсен 25-годишниот Имид К. Турчинот од Штутгарт е еден од таканаречените „џихадисти од фотелја“, односно еден од оние муслимани кои од пред домашниот компјутер повикуваат на „света војна“.

Од истите причини беше уапсен и германскиот граѓанин со турско потекло Аднан Д. на почетокот на октомври. Меѓутоа, се чини дека неговата улога во вирутелната војна на терористите била уште поважна. Државното обвинителство го обвинува дека бил администратор на исламистички интернет-форуми. Тој одредувал кој какви права ќе има во електронските дискусии, кој смеел да го чита форумот и да пишува на него. Освен тоа, тој експериментирал и со експлозивни направи и на некој негов познајник му објаснил како да составува експлозивни средства.

Тој спаѓа во онаа група што најмногу ги загрижува истражните органи. Радикален „џихадист од фотелја“, кој не само што е виртуоз кога е компјутерот во прашање, туку и со помош на упатства преземени од мрежата и самиот се вклучува во подготовките за нападите. Исто како и Џихад Хамад и Јусеф Ел Хајдиб, кои во 2006 година сакаа да извршат напад врз еден германски воз со бомба скриена во куфер. Тие ја составиле бомбата благодарение на видеата со упатства на интернет.

На одмор во терористички камп

"Terrorcamp" in Pakistan
Оние кои ја поминале обуката се сметаат за особено опасниФотографија: AP

Истовремено, истражните органи набљудуваат и еден друг, сосема нов феномен: систематските патувања на исламисти од Германија. Нивната дестинација: терористички кампови за обука во авганистанско-пакистанските гранични области или во Северна Африка. Германските власти следат десетици вакви патувања во последниве дванаесет месеци. Некогаш за нив дознаваат уште пред патувањето, другпат полицијата ги регистрира ваквите потенцијални опасни лица на аеродромите, при нивното излегување од Германија.

Сепак, можностите за делување на властите се ограничени, особено кога се работи за германски државјани. Освен тоа, првата цел на патувањето никогаш не е толку сомнителна, на пример Амстердам или Истанбул. Затоа не може уште веднаш да се докаже каде осомничениот ќе го продолжи своето патување. Се проценува дека околу 180 лица во изминативе години посетиле терористички камп за обука. Безбедносните органи сметаат многумина од нив за особено опасни и за земјата, кога ќе се вратат во неа, и во странство, со оглед на мисијата на Бундесверот во Авганистан.

Автор: Холгер Шмит / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска