1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автопатот кон Косово е добра вест за бизнисот

Костадин Делимитов
11 јануари 2019

Од Скопје до Приштина за 45 минути - деценискиот проект конечно ќе се реализира. Стопанствениците апелираат реализацијата на проектот вреден 110 милиони евра да биде експресна.

https://p.dw.com/p/3BNy2
Stress im Straßenverkehr LKW ueberholt auf der Autobahn
Автопатот е важен за бизнисотФотографија: picture-alliance/dpa

Македонија конечно го стартува проектот за автопатско поврзување со Косово. Следниот месец ќе биде објавен тендер за изградба на првата делница од автопатот Скопје - Блаце, а градежните работи се очекува да стартуваат во вториот квартал годинава, објави денеска Владата. До 2023 година, од Скопје до Блаце ќе треба да се патува по нов автопат, долг 12,5 километри, кој според проценките ќе чини 110 милиони евра. За Владата, ова е еден од стратешките  приоритети:

„Конечно ставаме точка на автопатското поврзување помеѓу Македонија и Косово, означувајќи го формалниот старт на проектот Скопје – Блаце“, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Стартот на проектот е значаен од повеќе аспекти. Но, клучен е бизнис-факторот, со оглед дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Македонија:  

„Годишната трговска размена со Косово е околу половина милијарда евра, при што Македонија има значителен суфицит. Затоа е многу важно да имаме автопат за да може нашите трговци да испорачуваат стока во Косово“, изјави Османи.

Повеќе: Меркел: На Балканот му требаат автопатишта, а не студии за изводливост

„Периодот за изградба на толкава делница е преголем“

Бизнисот ја поздравува веста дека овој проект конечно е ставен на агенда за реализација. Стопанствениците предупредуваат дека низ годиниве Македонија губела многу од нереализација на овој проект, кој Косово речиси го заврши. Сепак, посакуваат реализацијата да биде побрза од планираното:     

„Секако дека оваа вест е позитивна за нас. Па ние ова го чекаме со децении, а и со години постојано апелираме да почне реализацијата на овој проект. Но сметам дека изградбата може и мора да биде побрза од периодот што се најавува. Повеќе од три години за изградба на толкава делница е сепак премногу. Малку е несериозно во година која се најавува дека ќе биде на економијата да најавувате старт на ваков проект кој би траел толку долго, но ајде да видиме. Дај боже да биде како што се најавува. Сепак тие се политиките на оваа Влада, такви се приоритетите и толкави се ресурсите“, изјави за ДВ, Мендерес Кучи, бизнисмен од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Grenzübergang Blace Kosovo Mazedonien
Првата делница, во должина од околу 2 километра, почнува од граничниот премин „Блаце“Фотографија: DW/Esat Ahmeti

Инфраструктурното поврзување со земјите од регионот, според стопанствениците, треба да биде врвен приоритет за Македонија. ЕУ како пазар е секако главен, но пробивот без да се освои регионалниот ќе биде многу бавен и тежок: 

„Не може да се надеваме на ЕУ и Германија како наш главен трговски партнер. Да, таму извезуваме најмногу, но во последниве години гледаме дека од домашната понуда најатрактивна е само нашата работна сила. За нашите производи е малку потешко. Оттука, сметам дека фокусот мора да се насочи кон реализација на сите инфраструктурни проекти за ефикасно поврзување не само со Косово, туку и со сите земји од регионот. Тоа е клучно за бизнисот“, коментира Кучи.

Со реализација на оваа делница Косово ќе биде трет сосед на Македонија со кој земјата ќе има директна конекција преку автопат. Засега, тоа е случај само со Грција и Србија. Допрва треба да се реализираат и најавите за автопатско поврзување со Албанија и Бугарија. За западниот сосед, многу нешта зависат од автопатот Кичево - Охрид, кој од неодамна повторно стана градежно оперативен откако повеќе од една година беше на стенд бај поради пропусти во проектно техничката документација, но и сомнежите за коруптивност во зделката од страна на претставници на актуелната власт. 

Повеќе: Од Кичево до Охрид за 600 милиони евра

Изградбата на автопатот нема да биде лесна

За овој проект веќе е обезбеден грант од 1,3 милиони евра ИПА-средства кои се неповратни. Побарана е финансиска поддршка во рамките на Инвестициската рамка за Западниот Балкан во износ од 27 милиони евра, како и неповратни средства. За останатиот дел ќе се оди на опцијата заем од Европската банка за обнова и развој, како главен финансиер на проектот.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, посочи дека заради побрзо реализирање на проектот, изградбата на автопатот Скопје – Блаце е поделена на две подделници. Првата делница, во должина од околу 2 километра, почнува од граничниот премин „Блаце“ до првата клучка „Блаце“, за чија изградба и надзор средствата биле обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта и чија реализација се очекува побрзо да стартува. Втората е од клучката „Блаце“ до Скопје кај „Стенковец“, во должина од околу 10,5 километри. Целиот автопат нема да биде нималку лесен за изградба, со оглед дека по неговата должина се предвидени 4 тунели во должина од околу 4 километри, 8 мостови и други придружни објекти.