1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во струшките училишта и денеска нема настава

Милчо Јовановски12 февруари 2009

Денеска во Струга продолжуваат кризните разговори посветени на состојбата во двете училишта. Во нив треба да се вклучат и наставниците и родителите од обете етнички групи.

https://p.dw.com/p/GsF0
Кога ќе се можат да одат повторно на училиште? Ученици од „Нико Нестор“ во СтругаФотографија: Petr Stojanovski

Решение за тоа дали наставата во средношколските центри во Струга ќе се одвива во јазични смени или тие ќе имаат мешовит состав се’ уште нема. Вчера попладне во Струга вицепремиерите Зоран Ставрески и Абдуалим Адеми заедно со министрите за внатрешни и образование Гордана Јанкуловска и Перо Стојановски, градоначалникот Рамиз Мерко и директорите на училиштата ги согледаа сосотојбите на теренот ама не пресекоа.

Учениците и денеска нема да седнат во клупите. Додека високите функционери по средбата вешто ги избегнаа камерите и микрофоните портпаролот во Владата, Шефик Дураку рече дека ќе се бара трајно решение на овој повеќедецениски проблем, за чие донесување побара содејство од сите инволвирани страни. Дураку нагласи дека треба да се избегнува етничката конотација на проблемот, туку сите треба да се заложат да се смират страстите. „На проблемот му се дава етничка конотација, а тоа не е воопшто добро и не придонесува за смирување на сосотојбата. Нашиот апел е до сите, како до ученците, така и до професорите и сите во Струга, да си преземат дел од одговорноста, да се смират страстите и децата да започнат да одат на настава. Затоа што од сето ова ќе настрадаат тому тие, кои се најмалку виновни за ваквите проблеми“ - рече Дураку.

Просторни проблеми!?

Иако, инцидентите се главната причина за барањето чисти јазични смени во училиштата „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“, портпаролот Дураку проблемот го пренесе на друга страна: „Основата на проблемот е недостатокот од простор и ништо друго “, рече тој.

Schule Niko Nestor
Дали се проблем само просториите?Фотографија: Petr Stojanovski

За градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко доаѓањето на високата владина делегација беше видно олеснување за тој самиот да не ги вади како што се вели „жешките костени од жарот“. Тој уште пред почетокот на средбата за Дојче Веле изјави: „И тие треба да се вклучат во решавањето на проблемите кои се случија во средните училишта. Тие се помоќни, можат да инвестираат и материјално, а можат и морално да влијаат врз учениците и професорите“.

Протест на учениците од Струга во Скопје

И додека во Струга вчера се очекуваше доаѓањето на Владината делегација, во Скопје група ученци од „Нико Нестор“ одржаа прес-конференција, на која преку свои лични изјави ја поддржаа идејата за чисти јазични смени, како времено решение на проблемот. „Тоа се масовни тепачки 150 спроти 20 деца, во кои не се знае кој, кого тепа. Полицијата треба соодветно да реагира“. Учениците се пожалија дека ниту еден случај не завршил со приведување на учесниците во инцидентите, што им дава за право на инцијаторите да ги повторат.

Неофицијално вчера во Струга на протест против вмешаноста на политиката во образованието сакале да излезат ученици Албанци, но наводно биле спречени.

Коментарите на експертите за овој случај се дека е последица на паралелизам во општеството и дека политичарите водат политики на поделби, наместо на реален соживот.